Минатата година првпат излегоа информациите дека Apple работи на систем кој ќе им овозможи ажурирање на софтверот на iPhone без потреба телефонот да биде изваден од кутијата, односно истата да биде отворена. Овој систем е замислен да се користи во продавниците од компанијата, а ќе овозможи корисниците да ја добиваат најновата верзија од iOS кога ќе го отворат телефонот, наместо да чекаат истата да се инсталира.
Ова е одлична можност и корисниците ќе можат веднаш да почнат да го прилагодуваат својот телефон и да го користат, наместо да го ажурираат и тој процес да стане непотребно долг.
Францускиот портал iGeneration има нови информации за овој систем, а споделија и слика која треба да е од „машината“ која ќе го прави ажурирањето на iPhone телефоните.
Според нив, машината е наречена Presto и истата овозможува во неа да се постават до шест кутии. Повеќе машини може да се наредат една врз друга со цел добивање што повеќе простор за телефоните.

Presto работи со помош на NFC, според iGeneration, а другите извори најавија дека ќе се користи и MagSafe во овој процес. Местењето на кутијата треба да е процес кој трае неколку секунди, а ажурирањето на софтверот наводно ќе се прави за 15-30 минути.
Како што беше најавено, ажурирањето на софтверот ќе се прави без отворање на кутијата, продавниците ќе имаат пристап до посебен сервер кој ќе ги пушта најновите верзии од iOS недела дена порано, наводно.
Се очекува дека Presto машините ќе почнат да се користат од овој месец, но не е познато дали и ние можеме да очекуваме ажурирани iPhone-и во нашата земја.