Во периодот што следи, Instagram ќе почне да прикажува известувања за внесување на роденденот на корисниците на апликацијата. Ова известување ќе се прикажува почесто, а доколку корисникот не го внесе својот роденден, тој после одреден период веќе нема да може да ја користи апликацијата.
Барањето за внесување на роденденот ќе се прикажува и на одредени слики и видеа кои се сокриени, поради можна вознемирувачка содржина, за да може истите да бидат прикажани.

Од Instagram истакнуваат дека причината за ова е заштитата на помладите корисници, нешто на кое од компанијата му даваат поголемо значење изминатите месеци.
Како дел од мерките за заштита на помладите корисници се автоматското вклучување на приватен профил за корисниците под 16 години, неможност за испраќање на пораки од постари корисници на малолетници доколку не ги следат, како и не прикажување на реклами на корисниците под 18 години.
Од компанијата имаат и решение за тие кои од што мораат да го внесат својот роденден за да ја користат апликацијата, ќе внесат погрешна дата. Со помош на вештачката интелигенција, а ова веќе беше најавено, Instagram, како и Facebook, ќе проценуваат дали корисникот лаже за својата возраст.
Еден од начините на којшто ова ќе се прави е преку анализа на коментарите на профилот на корисниците, како на пример „среќен роденден“. Доколку за некој профил се заклучи дека не е ставен точен роденден, корисникот ќе мора да ја потврди својата возраст на некаков начин.
Од Instagram во иднина ќе објават повеќе информации за овој систем кој се’ уште е во развој.