Овие месец дена можеме да видиме како едни од најпознатите имиња на пазарот на мобилни телефони од порано, повторно се враќаат на пазарот по неколку години неуспешно конкурирање на производителите кои ги делат првите три места на пазарот.
Оваа недела Motorola го претстави својот прв по подолго време телефонот од највисоката класа, Motorola Edge+, заедно со „обичната“ варијанта Motorola Edge.
LG минатата недела најави промена на дизајнот на своите телефони со што најави дека не се откажува од борбата на пазарот на кој порано беше голем фактор.
Од најавата не можеше да се види многу, а акцентот беше ставен во дизајнот на задниот дел од телефонот, односно поставеноста на камерите во позиција која наликува на капки, наместо во голем модул како што е актуелно кај конкуренцијата изминатата година.
Исто така, LG истакна дека новиот дизајн ќе има симетрично заоблување на предната и задната страна од телефонот, како и помали агли.
Телефонот којшто ќе го има овој нов дизајн е LG Velvet и истиот ќе биде претставен идниот месец, поточно на 7-ми мај. Настанот секако ќе биде онлајн, со оглед на ситуацијата во светот и ќе може да го следат сите заинтересирани.
Овој телефон се очекува дека ќе биде од средно висока класа, односно LG нема да оди директно кон најскапите модели на пазарот. Тоа се гледа од единствената карактеристика која неофицијално е достапна, а тоа е користењето на Snapdragon 765, но можеби LG ќе изненади со Pro верзија од Velvet која ќе биде од повисоката класа.