Недела дена подоцна од iOS 17, Apple ја пушти финалната верзија од нивниот оперативен систем за компјутерите, macOS 14, односно macOS Sonoma. Како што видовме при презентацијата на системот, како и преку достапната бета верзија, Sonoma не е голема надградба, но сепак донесува неколку интересни новини.
Како најголема новина се смета додавањето на поддршка за „виџети“ на самиот десктоп. Истите досега беа достапни само на лентата која се прикажува на десната страна од екранот, а сега корисниците можат да ги постават каде цело време ќе можат да ги гледаат.
Десната лента останува достапна, па корисниците ќе можат да ги организираат „виџетите“ според важноста, односно да не го преполнат десктопот непотребно.

Со помош на Continuity функцијата, покрај „виџети“ направени директно за macOS, корисниците ќе можат да ги додаваат и „виџетите“ достапни на нивниот iPhone.
На тоа треба да се додаде дека, исто како на iOS 17, „виџетите“ сега се интерактивни, што значи дека корисниците ќе можат да ја менуваат својата музика, на пример, без отворање на апликацијата, да ги завршат задачите поставени како потсетници и слично.
macOS Sonoma донесува доста нови позадини, како и „screensaver-и“ кои интересно се прелеваат кога се отклучува екранот или кога се исклучува „screensaver-от“.

Safari со macOS Sonoma конечно добива поддршка за PWA, односно прикачување на веб апликациите на долната лента и користење исто како да се инсталирани апликации.
Покрај ова, Safari добива дополнителна заштита од интернет „тракерите“, а корисниците сега можат да креираат и посебни профили, како на пример за работа, за дома и слично.

За тие кои ја користат FaceTime апликацијата за конференциски повици, сега ја добиваат можноста Presenter Overlay. Истата го прикажува само корисникот, не и неговата позадина, врз презентацијата која ја држи, а ова дефинитивно изгледа одлично.
Во macOS Sonoma Apple дава поголемо значење на „гејминг“ делот, по кој овој систем секако не е познат. Корисниците ќе можат да го вклучат новиот режим за игри, односно Game Mode. Со овој режим игрите треба да добијат постабилен „frame rate“, како и намалување на доцнењето при контролирањето и звукот.

Најновата верзија од macOS донесува и поддршка за гледање на PDF датотеки во Notes, можност за споделување на лозинките, подобрувањата во Messages од iOS 17, нова листа за намирници во Reminders, подобрено предвидување при пишувањето на тастатурата и повеќе.
macOS Sonoma 14.0 надградбата им е достапна на сите корисници, а истата може веднаш да се инсталира. За корисниците кои нема самите да ја инсталираат, истата ќе биде понудена во деновите што следат.