За време на Microsoft Build 2020 од компанијата презентираа и новини поврзани со нивниот Edge прелистувач кој од оваа година официјално е направен на основа на отворениот Chromium код, развиван од страна на Google и на којшто работи Google Chrome, како и доста други прелистувачи.
Edge направен на Chromium веќе се покажува како одличен прелистувач, а тука е и брзината, како и компатибилноста кои фалеа кај претходната верзија. Microsoft голем дел од сервисите и кодот од Google ги има заменето со свои, но исто така придонесуваат назад кон Chromium заедницата.
Новата верзија од Microsoft Edge, која треба да стане достапна во неделите што следат, донесува неколку новини кои вреди да се истакнат.
Првата е поврзана со одличната Collections функција која беше пуштена во претходната верзија, а која овозможува да корисниците зачувуваат групи на веб страни според одредена тема, а исто така да додаваат слики и белешки.
Сега Collections добива интеграција со Pinterest, па корисниците можат да побараат што има на оваа мрежа според насловот на нивната „колекција“, а исто така можат да ја објават својата колекција на мрежата.
Покрај можноста да колекциите се зачуваат во Word и Excel, сега истото ќе може да се направи и во OneNote, што можеби е и пологично со оглед на намената на апликацијата.
Втора новина која е навистина корисна е можноста за пребарување во посебна лента која се појавува од страната, наместо отворање на целосно нов „таб“. Ова не нешто што скратува доста време при работа, а целта е да се пребара некој збор за брзо добивање на информации.
Microsoft Edge добива и можност за автоматска промена на профилите, за тие кои користат повеќе Microsoft сметки, помеѓу приватен и деловен профил, а новини има и за програмерите.