По краткото вклучување на нова верзија од Bing, која како што неофицијално се најавуваше е направена на основа на ChatGPT технологијата од OpenAI, Microsoft сега и официјално го најави „новиот Bing“. Тоа што до некаде дојде како изненадување е вклучувањето во овој „пакет“ и на нивниот Microsoft Edge прелистувач кој исто така ќе биде засилен со вештачка интелигенција.
„Вештачката интелигенција фундаментално ќе ја промени секоја категорија на софтвер, почнувајќи од најголемата од сите – пребарувањето.“ – истакна директорот на компанијата Сатја Надела.
Како што можевме да видиме од бета верзијата од ChatGPT, на чија основа е направен новиот Bing, корисниците ќе можат да користат „природен“ говор при пребарувањето, а Bing ќе може да ги разбере прашањата и детално да одговори.
Уште поинтересно, корисниците ќе можат да постават и барања како на пример, Bing да им направи план за патување за својата годишнина кој трае пет дена. Заедно со целиот план, Bing ќе ги објавува и линковите од каде што ги влече информациите.

Ова е голема предност во споредба со тоа што беше возможно од ChatGPT. Корисниците ќе можат да видат од каде се добиени информациите, а исто така тие ќе бидат секогаш ажурирани, а не најдоцна до 2021 како што беше случајот со бета верзија од ChatGPT.
Дополнително, Bing ќе користи понова верзија од GPT технологијата, заедно со Microsoft Prometheus моделот, како комбинација на OpenAI технологијата и технологиите кои веќе ги развива Microsoft.
Имплементацијата на вештачка интелигенција во Bing ќе може да се забележи од десната страна од резултатите на пребарувањата. Истата ќе биде тука да ги дополни информациите, нешто слично како што сега тоа се случува со картичките кои се појавуваат.
За понапредните пребарувања, ќе може да се отвори посебниот дел за разговор, од каде ќе може да се започне со природен говор со Bing.

Покрај најавата на GPT алатката во Bing, Microsoft најави и нова верзија од Edge која исто така ќе биде засилена со вештачка интелигенција. Имплементацијата ќе биде достапна преку нова лента од десната страна, а ќе може да се користи за креирање на објави на друштвените мрежи, за сумирање на финансиски резултати и слично. Chat и compose се двете функции кои ќе бидат достапни директно преку Edge.
Microsoft Edge исто така добива и освежен дизајн, за кого веќе одреден период можевме да читаме дека се подготвува. Новата верзија моментално е достапна преку dev каналот, па во месеците што следат ќе биде пуштени за сите корисници.
Како што истакна и директорот Сатја Надела, трката во овој бизнис се засилува, а Microsoft очигледно се решение веќе да не бидат на далечното второ место зад Google, кои веќе го најавија нивниот конкурент, Bard.