nokia-x2

Како што се очекуваше минатата недела преку најавата за настан кој што се одржа денес, Microsoft ја претстави втората генерација на Nokia телефон кој што работи на Android оперативниот систем. Првата генерација беше претставена во Февруари и беше составена од три модели, односно Nokia X, X+ и XL. Околу претставувањето на првата генерација имаше несигурности поради купувањето на Nokia од страна на Microsoft, несигурности кои што станаа уште поголеми со официјализирањето на зделката.

Сепак од компанијата сметаат дека треба да продолжат барем уште одреден период со претставување на вакви модели кои што според дизајнот и корисничкиот интерфејс може да се види дека се наменети да ги навикне и заинтересира корисниците кон Windows Phone платформата. Android оперативниот систем на кој што работат е целосно изменет, а главните апликации и сервиси кои што се користат се од Microsoft.

Втората генерација е составена од само еден модел кој што како што и се очекуваше е наречен Nokia X2. Тој исто така е во ниската класа на уреди, а истото може да се види и од неговата цена која што изнесува 99 евра без договор со некој оператор. Што се однесува до карактеристиките, X2 е нешто подобар, па се очекува да работи подобро за разлика од првата генерација која што беше критикувана за лошите перформанси.

Nokia X2 доаѓа со 4,3 инчен IPS LCD ClearBlack екран со резолуција од 800 x 480 пиксели и нивна густина од 217 ppi. Димензиите на уредот изнесуваат 121.7 x 68.3 x 11.1 mm и тежи 150 грама. За разлика од претходните модели, X2 доаѓа со нешто подобар процесор кој што овој пат работи на 1,2 Ghz со две јадра. RAM меморија исто така е зголемена на 1GB, па се очекува нешто подобра работа со повеќе апликации. Внатрешната меморија за складирање повторно е во пониската класа, па X2 вклучува само 4 GB со можност за додавање на SD картица со капацитет до 32 GB. Телефонот вклучува главна камера со 5 мепгапиксели и предна VGA камера. Исто така X2 доаѓа со можност за вклучување на 2 SIM картички, а ќе биде достапен и модел со една.

Microsoft се надева дека со вака направените Android уреди ќе ги привлече корисниците на нивната Windows Phone платформа. Што мислите вие за оваа серија на телефони и можноста за привлекување на корисниците кон платформата на компанијата ?

Извор: Nokia

Претходна статијаТри мобилни апликации кои ќе ви го привлечат вниманието
Следна статијаГледајте ги моменталните молњи ширум светот од вашиот компјутер
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.