Веќе одреден период знаевме дека Microsoft подготвува одреден редизајн на нивната Your Phone апликација, па сега истиот е официјално пуштен, а промените се поголеми од што очекувавме.
Апликацијата изгледа целосно различно, па покрај Windows 11 стилот со проѕирни делови и бои, поставеноста на функциите е целосно различна, а слободно може да се каже дека подобрувањето е огромно.
На горната страна во „табови“ се поставени и досега достапните функции како разгледување на сликите од телефонот, SMS пораките, делот за вклучување на апликациите, како и делот за правење повици.
Тоа што добива посебен дел и повеќе истакнат се известувањата. Тие сега се наоѓаат на левиот дел од апликацијата, каде што порано беа поставени достапните функции. Со ова Microsoft покажува дека известувањата се едни од најважните работи кои ги прикажува оваа апликација која е наменета да корисникот не мора да го проверува својот телефон кога седи на компјутерот.

Покрај целосниот редизајн, апликацијата добива и ново име, па наместо Your Phone, таа сега е наречена Phone Link. Името ќе биде променето и на Android, а за корисниците на Samsung веќе се користеше новото име и досега, односно Link to Windows.
Оваа апликација најдобро функционира со телефоните од Samsung, а иако може да се користи и со други брендови, сепак ги нема сите достапни функции.
Microsoft најави дека Phone Link добива поддршка за телефоните од Honor, односно Magic V, Magic 4 и Magic 3 серијата на уреди.