Понапредните корисници на Windows одамна се запознаени со алатки како познатата Ninite. Со ваквите алатки корисниците можат да изберат од цела листа на апликации кои се додаваат во една датотека за инсталација, па сите тие апликации автоматски се симнуваат и инсталираат на компјутерот.
Ова е одличен начин за инсталација на сите потребни апликации кога се купува нов компјутер или се прави ре-инсталација на Windows. Наместо симнување и инсталирање на сите апликации, кои за некои корисници можат да бидат десетици, со Ninite и сличните, процесот значително се скратува.
Сега корисниците добиваат уште една ваква алатка, иако не детална како Ninite, а интересно истата доаѓа директно од Microsoft.
Преку веб верзијата од Microsoft Store продавницата за апликации, корисниците сега добиваат пристап до нов дел за инсталација на повеќе апликации одеднаш.
На страната е достапна ограничена листа од апликации кои корисниците ги селектираат, по што симнуваат .exe датотека. Оваа датотека не вклучува дополнителни чекори, па само се стартува на компјутерот, по што Microsoft Store ја презема целата работа за симнување и инсталација на апликациите.
Од тоа што можам да го забележам, барем во оваа фаза, страната мора да се отвори за американското подрачје, односно не функционира доколку во линкот го забележите делот со „мк“.
Иако ова е одличен додаток за корисниците на Windows, сепак мислам дека алатките како Ninite засега не се баш „загрозени“ поради фактот што овозможуваат доста поголема листа на апликации, како и повеќе можности за прилагодување.










































