Фото: NASA

По децении чекање и месеци одложувања, NASA конечно е подготвена да испрати луѓе кон Месечината. Мисијата Artemis II е закажана за денеска, 1 април, со „прозорец” за лансирање кој се отвора во 00:24 часот утре наутро по наше време и трае два часа. Ракетата Space Launch System (SLS), висока 98 метри, ќе полета од историскиот Launch Complex 39B во Кенеди вселенскиот центар на Флорида, истата локација од која порано летаа мисиите Apollo.

Ова е првпат по Apollo 17 од декември 1972 година луѓе да патуваат подалеку од ниската Земјина орбита. Тоа значи дека поминаа повеќе од 53 години откако последен човек го видел нашиот природен сателит одблиску.

Екипажот е составен од четворица астронаути: командант Рид Вајсмен, пилот Виктор Гловер, и специјалистите Кристина Кох и Џереми Хансен. Кох ќе стане првата жена која патувала кон Месечината, Гловер е првиот црнец на лунарна мисија, а Хансен е првиот Канаѓанец, и воопшто првиот „не Американец“, кој ќе се упати толку далеку во вселената. Вајсмен, пак, ќе стане најстариот човек кој ја напуштил ниската орбита.

Фото: NASA

Мисијата ќе трае околу десет дена. Во првите 25 часа, Orion капсулата ќе кружи околу Земјата во висока орбита додека екипажот ги тестира системите за поддршка на живот. Потоа следува клучното палење на моторот кое ќе ја испрати капсулата кон Месечината. 

На шестиот ден, Orion ќе помине на околу 7.600 километри зад Месечината, со што астронаутите ќе го надминат рекордот на Apollo 13 за најголемо растојание на човек од Земјата, поставен во 1970 година.

Астронаутите нема да слетаат на површината, а нема ни да орбитираат околу неа. Станува збор за „free-return” траекторија, а капсулата ја користи гравитацијата на Месечината за да се врати назад кон Земјата. 

Сепак, за време на прелетот, екипажот ќе има можност да набљудува делови од темната страна на Месечината кои никогаш досега не биле видени со човечко око.

Слетувањето во Тихиот Океан е планирано за 10 април. При враќањето, капсулата ќе влезе во атмосферата со брзина од околу 40.000 километри на час, а топлинскиот штит ќе издржи температури до 2.800 степени Целзиусови.

Artemis II е всушност тест мисија. Целта е да се потврди дека SLS ракетата и Orion капсулата можат безбедно да носат луѓе во длабокиот вселенски простор, а податоците од ова патување ќе бидат клучни за следните чекори, планираното слетување на Месечината со Artemis III, кое NASA го таргетира за 2028 година, и евентуалното градење на постојана лунарна база.

Лансирањето може да се следи во живо преку YouTube каналот и веб страницата на NASA.