Оваа недела корисниците добиваат нов избор од три телефони под брендот на Nokia, сега во сопственост на исто така финската HMD Global. Со оглед на фактот што повеќето вработени во оваа нова компанија се од старата Nokia, очекувањата за одлично дизајнирани телефони е логичен.
Оваа компанија очекувањата на корисниците може слободно да се каже дека ги остварува и го оправдува користењето на името Nokia. Оваа недела тие ги претставија наследниците на ланските Nokia 5, 3 и 2.
Новите телефони интересно се означени со имињата Nokia 5.1, Nokia 3.1, како и најслабиот од групата, Nokia 2.1
Сите модели имаат одредени подобрувања од ланските модели, доволно големи за да се очекува сериозно привлекување на вниманието на корисниците.
Nokia 5.1
Најдобриот модел од групата е Nokia 5.1, телефон од средната класа за кој од компанијата најавуваат дека доаѓа со 40% подобрени перформанси поради подобриот чип кој се користи оваа година.
Процесорот којшто е одговорен за подобрените перформанси е MediaTek Helio P18, кој е осум јадрен процесор и работи до 2.0 GHz. Иако кога ќе се спомене MediaTek не се помислува веднаш на добри перформанси, меѓутоа процесорот е подобар од ланскиот користен во Nokia 5.
Изборот на меморија е од две варијанти, односно 2 GB RAM со 16 GB простор за податоци и 3 GB RAM со 32 GB простор за податоци. Батеријата на уредот е со капацитет од 2.970 mAh.
Nokia 5.1 доаѓа со поголем 5,5 инчен екран со резолуција од 2160×1080 пиксели и со поиздолжен формат од ланскиот модел, односно со сооднос од 18:9 кој се користи во сите уреди од високата класа, а полека станува стандард и кај останатите. Како што знаете, овој формат овозможува потесен уред кој полесно може да се користи со една рака, а сепак да има поголем екран.
Телефонот е изработен од заштитен и електрично обработен алуминиум со заоблени страни. Екранот е заштитен со Gorilla Glass, а исто така е малку заоблен од страните.
Задната камера е со сензор од 16 мегапиксели, а предната со 8 мегапиксели. Цената по која ќе се продава овој уред изнесува 189, односно 219 евра, што е и повеќе од прифатливо со оглед на тоа што го нуди овој уред.
Nokia 5.1 работи на Android 8.1 Oreo и е направен под програмата Android One. Тоа значи дека корисниците може да очекуваат две надградби на системот, како и сигурносни надградби уште 3 години.
Nokia 3.1
Наследникот на ланскиот Nokia 3 доаѓа со 5,2 инчен екран со резолуција од 1440×720 пиксели. Овој модел, исто како и Nokia 5.1 оваа година е направен во поиздолжениот 18:9 формат што ќе направи да изгледа како поскапите модели.
Работи на осум јадрениот MediaTek MT6750 процесор кој работи до 1,5 GHz. Доаѓа исто така во две варијанти со 2 GB RAM и 16 GB простор за податоци, како и 3 GB RAM и 32 GB простор за податоци.
Задната и предната камера доаѓаат со сензори од 13, односно 8 мегапиксели, а батеријата е со капацитет од 2.990 mAh.
Овој уред исто така работи на најновата верзија од Android, односно 8.1 Oreo и исто така е направен под ознаката Android One, што значи дека ќе добива надградби во наредните 2 години, како и сигурносни надградби во наредни 3.
Nokia 2.1
Ова е најслабиот уред од групата и поради тоа оваа година работи на Android Go верзијата која е наменета за послаби уреди. Оваа верзија од оперативниот систем, кој исто така е Android Oreo, е оптимизирана за послабите уреди, троши помалку ресурси, а достапни се и апликации кои исто така се оптимизирани за послабите уреди.
Има 5,5 инчен екран во стандарден формат со резолуција од 1280×720 пиксели. Работи на четири јадрениот Snapdragon 425 кој работи до 1,4 GHz. Доаѓа со прилично малку меморија, односно 1 GB RAM и 8 GB простор за складирање, меѓутоа со оглед на оперативниот систем, не би требало да се очекуваат позначителни проблеми со перформансите.
Она што го издвојува овој уред е батеријата која е со капацитет од огромни 4.000 mAh, па кога ќе се земе во предвид слабиот процесор, може да се очекува работа од два дена без проблем. Камерите на уредот се со 8 мегапиксели на задната и 5 мегапиксели на предната страна.