Фото: Nothing

Во текот на вчерашниот ден, покрај претставувањето на „просечниот“ Phone (4a), Nothing го претстави и телефонот од оваа серија кој е од повисоката класа. 

Претставен беше Nothing Phone (4a) Pro, а карактеристично за компанијата, тој иако е од високата класа, не е направен со најмоќните компоненти на пазарот, што значи нема баш директно да им конкурира на телефоните како Galaxy S26 и сличните. 

Phone (4a) Pro може да се каже дека делумно црпи инспирација од iPhone 17 Pro серијата во која Apple компонентите ги вградува во модулот за камерите, а тоа посебно е случајот со iPhone Air моделот. 

Во случајот со Phone (4a) Pro во модулот за камерите е вграден нивниот карактеристичен Glyph интерфејс, а овој пат само во тој дел е и за нив карактеристичната проѕирност на уредот. 

Остатокот од уредот е направен од метал, а исто така ова е и најтенкиот Nothing телефон досега со дебелина од 7,95 милиметри. 

Фото: Nothing

Glyph интерфејсот, кој повторно е само во форма на мал округлест екран, наместо по скоро целиот заден дел како кај првите модели, доаѓа со 137 mini-LED сијалички, а сепак е 57% поголем од претходната верзија од оваа класа, како и 100% посветол со 3000 нити светлина. 

Како што е познато, Nothing овозможува доста голем избор на корисни прилагодувања за овој дел, па корисниците можат да го направат својот уред навистина уникатен. 

Што се однесува до моќта на Phone (4a) Pro, тој работи на Snapdragon 7 Gen 4, како и LPDDR5X меморија и UFS 3.1 простор за податоци. Од Nothing истакнуваат дека меморијата донесува 100% подобрување на брзината, додека брзината на читање на чипот за податоци е 147% подобра, секако во споредба со ланскиот модел. 

Екранот на телефонот е со големина од 6,83 инчи, направен е во AMOLED технологија и овозможува 144 херци стапка на освежување со 5000 нити максимална светлина. Екранот доаѓа со 1,5К резолуција, а овозможува 450 пиксели на инч. 

Од Nothing овој телефон посебно го планираат за корисниците кои „гејмаат“, па покрај 144-те херци на освежување на сликата, екранот поддржува и 2500 херци за допир, со што се добива доста брза реакција при работа, односно играње.