ChatGPT веќе се користи во голем дел за барање здравствени совети, истражување на симптоми, односно дури и дијагноза, како и совети и информации поврзани со вежбање, исхрана и слично.
Поради ова целосно очекувана и логична е новата најава од страна на OpenAI, наречена ChatGPT Health.
Се работи за посебен дел во разговорите кој е целосно издвоен од останатите разговори, преку кој корисниците ќе можат да ги насочат сите досегашни прашања поврзани со здравјето, болести, вежбање, исхрана и слично.
Овој посебен дел доаѓа и со поголема заштита, па разговорите нема да се користат за тренирање на јазичниот модел, а исто така достапно е и шифрирање на разговорите, иако тоа не е „од-крај-до-крај“, што значи OpenAI продолжува да има пристап до истите.
Тоа што е посебно кај ChatGPT Health е што не се работи само за посебен и подобро заштитен дел за здравствени разговори. Корисниците во овој дел ќе можат да прикачат документи, како што се резултати од преглед, крвна слика и слично, а ќе можат да поврзат и сервиси како Apple Health, MyFitnessPal, Weight Watchers и уште неколку за почеток.
OpenAI дава и неколку примери за тоа како може да се користи ChatGPT Health, па корисниците на пример ќе можат да побараат сумирање на здравјето врз основа на сите достапни информации, потоа креирање на план за враќање на вежбање и слично.
Од компанијата очекувано нагласуваат дека ChatGPT Health не треба да се користи како замена за посета на доктор, што е логично, а за почеток оваа новина е достапна кај ограничен број на корисници.
Заинтересираните корисниците можат да се регистрираат на листата за чекање на овој линк.











































