OpenAI официјално потврди дека ја гаси својата апликација Sora, платформата за генерирање видеа базирана на вештачка интелигенција која беше претставена минатата есен.
Преку кратка објава на социјалната мрежа X, тимот зад апликацијата им се заблагодари на корисниците за нивната креативност, додавајќи дека наскоро ќе споделат детали за тоа како тие ќе можат да ги зачуваат своите претходно изработени материјали.
Според официјалното известување, компанијата во следниот период ќе објави конкретни временски рокови за целосното затворање на апликацијата и на нејзината API алатка.
Одлуката за гасење на овој проект доаѓа и покрај првичниот висок интерес од корисниците, a апликацијата забележа еден милион преземања во првите пет дена од нејзиното лансирање и одржуваше солидна база на активни корисници.
Извештаите од индустријата укажуваат дека извршниот директор Сем Алтман веќе ги информирал вработените за постепеното укинување на повеќе производи базирани на нивните видео модели. Овој потег е дел од пошироката стратешка преориентација на OpenAI кон алатки наменети за продуктивност, таргетирање на деловни клиенти и долгорочни иницијативи како роботика.
Дополнително, платформата постојано се соочуваше со критики и загриженост во јавноста поради нејзиниот потенцијал за креирање на реалистични лажни (deepfake) видеа, што веројатно дополнително го отежнало нејзиното одржување.
Гасењето на Sora влијае и на неодамнешните големи партнерства на компанијата. Кон крајот на минатата година, OpenAI најави договор со Disney во вредност од една милијарда долари кој требаше да овозможи генерирање видеа со нивни познати карактери. Сега, фокусот на OpenAI очигледно се префрла кон развој на основните јазични модели и функции кои носат директна и побезбедна вредност за претпријатијата.









































