Microsoft на една од поедноставните апликации за цртање и работа со слики, старата Paint, додаде функција која ќе ја направи доста помодерна и корисна. Background Removal, како што кажува и самото име, овозможува тргање на позадината од сликите, по што ќе остане само главниот објект од истата.
Оваа можност стана популарна кога истата ја воведе Apple кај нивната Photos апликација, а покрај во Paint, може да се очекува и кај Photos апликацијата од Microsoft.
Дека од Microsoft ќе воведат вакво нешто кај Paint можевме да прочитаме при крајот на минатиот месец. Ова во основа е дел од планот на компанијата да ја воведе вештачката интелигенција во скоро сите можни нивни сервиси и апликации.

Отстранувањето на позадината може да се направи автоматски или со избор кој е објектот кој корисникот сака да остане. Во двата случаеви, тргањето на позадината се прави со еден клик на новото копче.
Windows 11 наскоро ќе добие интегрирана вештачка интелигенција, поточно ќе го добие новиот Bing директно вграден во системот преку функцијата наречена Windows Copilot.
Microsoft може да се каже дека даде најголемо значење на генеративната вештачка интелигенција и моментално „води“ на пазарот во нејзиното интегрирање.
Останатите компании, односно големите, повнимателно го прават истото, додека можеме да видиме доста помали компании кои се обидуваат да го стигнат нивото на Microsoft.