Panasonic, познатата јапонска компанија, влегува на листата на компании кои ја подгреваат надежта за подобри батерии, нешто што го чекаме веќе одамна. Тие во соработка со американската Sila треба да претстават батерии за електричните автомобили кои би овозможиле доста добар напредок од сегашните.
Батериите од Panasonic, чии клиенти се компании како Tesla, треба да овозможат 800 километри возење со едно полнење, нешто што е секако одлично. На тоа треба да се додаде очекувањето за брзо полнење, па целата батерија би требало да може да се наполни за само 10 минути.
Овој напредок е благодарение на технологијата која ја развиваат од Sila, компанијата лоцирана во Калифорнија, а основана од неколку поранешно вработени во Tesla.
Sila својата технологија ја нарекуваат Titan Silicon и истата го заменува главниот материјал од којшто е направена анодата кај батериите, графитот, со силициум. Овој материјал може да зачува до 10 пати повеќе енергија од графитот, но не се користи поради проблемите кои ги има, односно неговото „отекување“ при процесот на полнење.

Titan Silicon технологијата овозможува проширување на силициумот користејќи јаглеродни нано „скелиња“, со што може да дојде до проширување без оштетување на батеријата.
Основачот на Sila Џин Бердичевски за Wired дава добро објаснување за начинот како функционира нивната технологија, па тој истакнува: „Тоа е како леб од суво грозје, каде што сувото грозје е силициумот, а тука е меката матрица околу сувото грозје со голема надворешна кора на самата честичка. Кората го задржува просторот, а лебот се трга настрана кога ќе се прошири сувото грозје. Скелето не го држи силициумот – го прифаќа проширувањето“.
Ова е процес кој од компанијата го имаат патентирано.
Ќе видиме дали оваа, една од повеќе, технологија ќе се погоди како успешна и ќе го донесе очекуваното подобрување на батериите, барем кај возилата.