Панос Панај е едно од најпознатите и најрепрезентативните лица на Microsoft. Познат по одличните презентации во кои секогаш го користи терминот колку е „возбуден“ за новите производи, Панај е човекот кој стој зад тимовите кои ги развиваат Surface уредите, а изминатите години и Windows 11.
Новоста дека развојот на Windows 11 оди под капата на Панос Панај ги зголеми надежите и очекувањата за одличен оперативен систем, каков што е Windows 11.
Во текот на вчерашниот ден, целосно ненадејно, Панај објави дека ја напушта компанијата, а гласините говорат дека тој ќе оди во Amazon, иако засега таа информација не е потврдена.
Не е познато зошто Панај после 20 години во Microsoft и унапреден до највисоките нивоа во компанијата, наеднаш реши да си оди од истата. Ова е посебно чудно што се случува на само неколку денови од настанот на Microsoft на кој се очекува презентација на нови Surface уреди, кои се специјалност на Панај.
Што ова значи за иднината на Surface уреди, како и развојот на Windows, баш ме интересира, а позицијата на Панај ќе ја преземе Јусув Меди, главен за маркетинг на пазарот за приватни корисници.
Панос Панај се вработува во Microsoft во 2004 година, а работата со Surface уредите го донесува до позицијата главен директор за производи во 2018. Во 2020 година под капата на Панај доаѓа и развојот на Windows, а во 2021 тој е унапреден во извршен потпретседател и дел од тимот во компанијата кој директно го советува директорот Сатја Надела.
Покрај други можни причини, ме интересира дали улога во одлуката на Панај има наглото форсирање на вештачката интелигенција во сите можни производи од Microsoft, вклучувајќи го и Windows 11.