Фото: Shutterstock.com

YouTube, поточно Google, најави пет нови функции за претплатниците на нивниот YouTube Premium сервис. Дел од овие новини беа тестирани во некоја форма изминатиот период, па се очекуваше нивното официјално пуштање за корисниците.

YouTube Premium претплатата изнесува околу 490 денари месечно, што не може да се каже дека е баш ниска сума, посебно ако се спореди со некој од стриминг сервисите за филмови и серии. Сепак, со оваа претплата се добива можност за гледање на видеата без реклами, а тука е и достапноста на YouTube Music сервисот, што ја прави претплатата доста повредна.

Покрај овие карактеристики на YouTube Premium, тука се и одредени функции кои се „ексклузивно“ достапни само за овие корисници, а од компанијата денеска најави пет нови функции. Претплатата дефинитивно може да се каже дека делува попривлечна на овој начин.

Првата новина ја донесува можноста за креирање на привремена листа или редица на видеа кои ќе ги гледа корисникот по редослед. Ова е одлично за ситуациите кога повеќе видеа се интересни за гледање, но нема потреба да бидат додадени и да останат на „гледај подоцна“ листата.

Втората новина е поврзана со функциите Meet Live Sharing на Android и SharePlay на iOS. YouTube во основа ја добива можноста пријателите заедно да гледаат видеа преку Google Meet, односно FaceTime.

Третата новина е посебно корисна и овозможува лесно продолжување на видеото што се гледа на различните уреди, односно видео започнато на десктоп, може лесно да се продолжи на мобилен, без да се бара во историјата на гледање.

Smart downloads е четвртата новина ексклузивно достапна за YouTube Premium корисниците. Истата автоматски ги симнува видеата кои се дел од препораките на корисникот, па доколку се случи да нема пристап до интернет, видеата сепак ќе може да ги гледа.

Оваа функција можеби и не е којзнае колку корисна во нашта земја. Во САД, на пример, има доста ситуации кога луѓе се возат подолго време во метро или слични места каде може да нема пристап до интернет. Кај нас нема баш такви ситуации.

Петтата новина е достапна за почеток само за iOS корисниците, а наскоро се најавува и преку веб. Се работи за посебен квалитет на видеата со 1080p резолуција која за Premium корисниците ќе биде со поголем „bitrate“. Ова е посебно погодно за видеа со поголеми детали, како и тие со движење, како што се натпревари, игри и слично.

Стандардниот 1080p квалитет си останува бесплатен, а достапен им е и на Premium корисниците.

ИЗВОРYouTube
Претходна статијаSamsung soundbar звучници број 1 во светот веќе 9 години
Следна статијаPrint Screen копчето ја отвора Snipping Tool апликацијата во најновите тест верзии од Windows 11
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.