Фото: Signal

Додека технолошкиот свет е фокусиран на развојот на вештачката интелигенција како алатка за продуктивност, Мередит Витакер, претседателката на фондацијата Signal, укажува на нов вид безбедносен ризик. Според неа, развојот на таканаречените ВИ агенти, кои имаат пристап до најдлабоките нивоа на оперативните системи, можат да го направат шифрирањето „од-крај-до-крај“ практично неважно. 

Ова предупредување доаѓа во време кога технолошките гиганти се обидуваат да ги интегрираат овие интелигентни асистенти директно во јадрото на софтверот што го користиме секојдневно.

Проблемот не лежи во самото пробивање на шифрирањето, туку во начинот на кој овие агенти функционираат. Шифрирањето е дизајнирано да ги штити податоците додека тие се во транзит помеѓу два уреди, оневозможувајќи им на трети страни да ја пресретнат комуникацијата. Ова важи и за серверите на кои се чуваат овие податоци. 

Сепак, вештачката интелигенција која е интегрирана во самиот систем има пристап до податоците пред тие да бидат шифрирани или откако ќе бидат дешифрирани за корисникот. Со тоа што овие системи имаат овластување да читаат содржина на екранот, да анализираат пораки и да управуваат со апликации во име на корисникот, приватноста на податоците се сведува на довербата кон компанијата што го контролира ВИ моделот.

Доколку оперативниот систем постојано ја следи активноста на корисникот за да му понуди „паметни“ решенија, тогаш заштитните механизми на апликациите како Signal стануваат секундарни. 

Наместо да се напаѓа тешко пробојното шифрирање, нападот или прибирањето податоци сега се случува на самата крајна точка, каде што информациите се во чиста и разбирлива форма. Овој тренд претставува фундаментална промена во безбедносната архитектура на која се потпира модерниот интернет.

Разговорот Витакер го прави за Bloomberg Live, а видеото можете да го погледнете во продолжение.