Со пуштањето на ReactOS 0.4.15, овој оперативен систем повторно привлече внимание, иако сѐ уште е во рана фаза на развојот. Пуштањето на нова верзија после три години пауза изгледа е поврзано со крајот на поддршката за Windows 10, нешто што ќе се случи до крајот на годината.
За разлика од повеќето алтернативи, ReactOS не е направен на основа на Linux, туку е систем целосно развиен да биде компатибилен со Windows, конкретно Windows NT архитектурата.
Ова му овозможува на системот да биде компатибилен со Windows апликациите, како и „драјверите“, но сепак засега тоа важи за постарите апликации и игри, а ќе видиме дали во иднина ќе може да се очекува и повеќе.
Развојот на ReactOS започнува во 1996 година како бесплатна алтернатива на Windows 95 наречена FreeWin95. Името ReactOS е избрано во 1998 година по префрлувањето на Windows NT архитектурата, на чија основа се направени и модерните верзии од Windows.
Верзијата 0.4.15 има досега најмногу новини и придонеси од програмерите, а веќе се најавува развојот и на наредната поголема верзија. Засега не е познато кога може истата да се очекува, па се надеваме дека нема да биде за три години повторно.
Оваа верзија за првпат донесува поддршка за 64 x86 процесори, нешто без кое во денешно време системот би бил неупотреблив. Покрај тоа, системот добива уште низа на подобрувања поврзани со вклучувањето на уреди, аудио, менаџирањето на меморија и кеш, подсистемот за безбедност и слично.
За следната верзија се најавува поддршка за UEFI, нова графика за инсталирањето на апликации, поддршка за NTFS системот за датотеки и повеќе.
Засега е јасно дека ReactOS не е баш посакуваната алтернатива на Windows 10, за корисниците кои не планираат да купат нов компјутер со Windows 11. Изборот од доста Linux дистрибуции е доста подобар, но добро е што една ваква алтернатива повторно добива внимание.