Samsung UNPACKED настанот којшто го очекувавме со нетрпение, конечно ќе се одржи денеска, поточно во 20:00 часот според македонско време. Овој настан се одржува повторно во Сан Франциско, а главни на истиот ќе бидат новите Galaxy S20 телефони.

Според досегашните информации, се очекуваат три различни модели, односно 6,2 инчниот Galaxy S20, 6,7 инчниот Galaxy S20+, како и најинтересниот во групата, Galaxy S20 Ultra со 6,9 инчен екран.

Сите три модели треба да имаат стапка на освежување од 120 Hz која сепак изгледа нема да биде достапна во најголемата резолуција на екранот. Оваа стапка на освежување ќе овозможи многу поголема мазност на анимациите, побрза реакција на екранот, а тука се и предностите за тие што играат игри.

Galaxy S20 Ultra треба да го привлече вниманието најмногу од трите модели. Овој телефон ќе дојде со додатна камера на задната страна, наречена Space Zoom, која ќе им можност за дигитално зумирање до 100 пати.

Трите модели ќе имаат 5G варијанти, додека двата помали ќе бидат достапни и во 4G варијанти.

Друг уред кој треба да биде претставен на вечерашниот настан, а исто така привлекува големо внимание е Galaxy Z Flip, иако ова име не е баш сигурно дали ќе се користи. Се работи за вториот уред од Samsung со екран кој се превиткува, овој пат на хоризонталната линија, добивајќи го познатиот „флип“ формат на телефон.

Samsung дури го прикажа пред време уредот на реклама за време на доделувањето на Оскарите во неделата.

Galaxy Buds ќе ја добијат својата втора верзија, а ќе бидат наречени Galaxy Buds+. Оваа година овие безжични слушалки ќе имаат поголема батерија, а поголема ќе биде батеријата и на кутијата за чување која ги полни. Покрај ова, слушалките ќе имаат и подобрен звук, повеќе микрофони и слично.

Настанот започнува во 20:00 часот вечер, а можете да го следите во живо преку страната на Samsung на овој линк.

Претходна статијаИновативните производи на Виталиа претставени на најголемиот саем за кондиторски производи – ISM, Келн
Следна статијаA1 Македонија за припејд корисниците на мобилната телефонија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.