Со почеток од 16:00 часот, Samsung денеска го одржа нивниот „Unpacked for Every Fan“ настан. Како и повеќето настани оваа година, така и овој беше одржан само онлајн, но тоа не го скратува доживувањето за повеќето корисници кои и така ги следат овие настани од своите домови.

Како и што веќе е стандардно, неофицијалните информации, беа во право и Samsung го претстави Galaxy S20 FE, каде FE е кратенка за Fan Edition. Тоа значи дека овој телефон е направен врз основа на посебните барања од фановите, а кога ќе се видат карактеристиките и цената, уште сега може да кажеме дека Samsung има телефон кој ќе биде хит на пазарот.

Samsung Galaxy S20 FE е верзија од S20 серијата која доаѓа со цена од околу 700 долари, пониска цена од останатите во серијата, во исто време задржувајќи ги карактеристиките за да уредот остане во највисоката класа. Пониската цена ги трга само дел од карактеристиките кои зависно од корисниците, може да не прават воопшто разлика.

Тоа што Galaxy S20 FE го нема во споредба со останатите од серијата е стаклена изработка на задната страна, која во овој случај е од пластика, но кога ќе се земе изборот на боите, како и мат изведбата, ова не е нешто што треба да им пречи на корисниците.

Боите кои се достапни се повеќе, па корисниците ќе можат да изберат помеѓу црвена, портокалова, светло виолетова, светло зелена, зелена и бела. Сите бои ја имаат додавката „cloud“ со што се означува мат изведбата која ја видовме кај Note20 серијата и изгледа одлично.

S20 FE за разлика од другите модели исто така нема да дојде со резолуција поголема од Full HD, но кога ќе се земе во предвид дека 120-те херци на екранот се ограничени на оваа резолуција, повеќето корисници сигурно и само неа би ја користеле.

Камерите кај Galaxy S20 FE се три на задната страна и се со сензори од 12, 12 и 8 мегапиксели, додека селфи камерата поставена во мала дупка на средината од екранот е со сензор од 32 мегапиксели.

Останатите карактеристики се исти со другите телефони од S20 серијата, односно овој телефон е од највисоката класа. Работи на Snapdragon 865, а за нашиот пазар сигурно ќе биде достапен со Exynos 990. Изборот е помеѓу 6 и 8GB RAM, како и помеѓу 128 и 256GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 4.500 mAh.

Екранот е со големина од 6,5 инчи, што го става некаде помеѓу S20 и S20+, а најважно од се, доаѓа со стапката на освежување од 120 херци. За разлика од другите S20 модели, FE верзијата нема заоблување од страните, односно екранот е рамен.

Samsung Galaxy S20 FE треба да стане достапен од октомври, а во меѓувреме ќе ја имаме и цената по која ќе биде достапен во Македонија.

Во продолжение погледнете го настанот, ако не го следевте во живо и подобро погледнете што се нуди S20 FE, додека не дојде во продавниците и да може да се проба.

Претходна статијаПрвата верзија од Microsoft Edge за Linux ќе стане достапна во октомври
Следна статијаFacebook ја проширува алатката за авторски права и за сликите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.