Познатата компанија во гејминг индустријата Razer, реши да влезе на пазарот за „обичните“ корисници, претставувајќи го својот прв лаптоп кој не е наменет за гејмерите.

Razer Book 13 е лаптоп којшто не излегува од обично одличниот дизајн од компанијата, а единствената разлика која ќе може да се забележи е недостатокот на интегрирана графичка картичка, очекувано со оглед на целната група.

Сепак, Razer Book 13 доаѓа со 11-тата генерација на процесори од Intel, а тука е и новата и одлична интегрирана графика која доаѓа со овие процесори, Intel Iris XE, a корисниците можат да изберат помеѓу Core i5-1135G7 и Core i7-1165G6. На ова треба да се додаде и меморијата која е од 8 до 12GB RAM, како и брзите SSD дискови од 256 до 512GB.

Razer го промовира нивниот Book 13 како лаптоп со најтенките рамки во светот кај оваа категорија, односно големина. Овој лаптоп исто така доаѓа со мала тежина која зависно од моделот се движи од 1,34 до 1,40 килограми.

Razer овозможува три верзии од Book 13, кои покрај во процесорот, RAM-от и просторот за податоци, се разликуваат и во резолуцијата на екранот и достапноста на допир. Најсилниот модел доаѓа со 4K резолуција и екран на допир, а ќе се продава по цена од околу 1.600 долари, додека основниот модел почнува од 1.200 долари.

Razer Book 13 е изработен од алуминиум, а поради неговите мали димензии, соодветни на 13,4 инчен екран, тастатурата не вклучува посебен дел за бројките. Тастатурата сепак позајмува дел од карактеристиките на гејминг лаптопите од компанијата, па корисниците ќе можат да изберат во која боја светат ознаките на копчињата.

Овој лаптоп доаѓа и со Intel Evo сертификација, што значи дека лаптопот брзо ќе се вклучува кога ќе се отвори екранот, како и одредени гарантирани перформанси кога се користи на батерија.

Батеријата на Razer Book 13 треба да издржи до 9 часа на користење, а тука е и брзото полнење кое за само 30 минути може да овозможи половина од капацитетот.

Повторно треба да се истакне дека ова е лаптоп наменет за тие кои работат, односно често функционираат во движење. Тоа значи дека Razer Book 13 ќе им овозможи одлични перформанси, но не е тука графиката која е потребна за играње игри или работа со видео и слично.

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2VB
Претходна статијаWhatsApp воведува можност за „исчезнување“ на пораките по 7 дена
Следна статијаОператорот А1 Македонија во Скопје обезбедува брзина на пренос на податоци од 102,971 Mbps, Македонски Телеком од 62,297 Mbps
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.