Фото: Shutterstock.com

Денеска, 20 јануари 2026 година, Sony Corporation и TCL Electronics Holdings Limited објавија дека потпишале меморандум за разбирање со кој започнуваат конкретни разговори за стратешко партнерство во сегментот на домашната забава. Ова не е обична соработка, туку станува збор за потенцијално целосно редефинирање на начинот на кој Sony ќе го води својот телевизиски и аудио бизнис во иднина.

Според официјалното соопштение, двете компании планираат да основаат нова заедничка компанија која целосно ќе го преземе бизнисот од Sony за домашна забава – вклучувајќи телевизори, домашни аудио системи и сродни производи. Клучниот детал што не шокира повеќето е што TCL ќе поседува 51% од акциите, додека Sony ќе задржи 49%. 

Со други зборови, кинескиот производител ќе стане мнозински сопственик на бизнисот што децении наназад го носеше престижот на Sony во светот на премиум телевизорите.

Овој потег изгледа како прагматичен обид да се искористат силните страни на двете компании: Sony носи врвен бренд, технологија за обработка на слика и аудио експертиза, а TCL огромни производствени капацитети, агилност во цените и силно присуство на големите пазари во Азија, Европа и Америка.

„Новата компанија планира да го унапреди својот бизнис со искористување на висококвалитетната технологија за слика и звук на Sony, развивана со години, вредноста на брендот и оперативната експертиза, вклучително и управувањето со синџирот на снабдување, користејќи ја напредната технологија за екрани на TCL, предностите на глобално ниво, индустрискиот отпечаток, ефикасноста на трошоците од крај до крај и силата на вертикалниот синџир на снабдување. Се очекува производите на новата компанија да го носат глобално признатото име „Sony“ и името „BRAVIA™“, со цел да се создаде нова вредност за клиентите преку овие брендирани производи како што се телевизори и домашна аудио опрема.„ – истакнуваат од Sony. 

Компаниите најавуваат дека ќе продолжат со преговори и ќе се обидат да потпишат финални обврзувачки договори до крајот на март 2026 година, а новата компанија се очекува да почне со работа до март 2027. 

За корисниците во Македонија и регионот, промената може да значи неколку работи:  

  • Потенцијално уште попристапни Sony телевизори во иднина, благодарение на TCL производствената ефикасност  
  • Можно проширување на достапноста на нови модели кои ќе комбинираат Sony софтвер/процесор со TCL хардвер  
  • Но и одредена загриженост кај фановите на „чистиот“ Sony квалитет – дали премиум позиционирањето ќе остане исто?

Останува да видиме како ќе се развива приказната во следните месеци. Едно е јасно, Sony веќе не гледа на иднината на ТВ бизнисот исто како пред десет години.