Sony конечно ја претстави наредната генерација од нивните одлични безжични слушалки од категоријата кои се ставаат во ушите. WF-1000XM5 доаѓаат цела година подоцна од нивните поголеми WH-1000XM5 и се тука да ги донесат на пазарот повторно едни од најдобрите слушалки кои се достапни.
Sony WF-1000XM5 слободно може да се каже дека се целосно нови слушалки, а не само надградба од претходните, односно WF-1000XM4. Заклучокот доаѓа поради целосниот редизајн, а тука се и подобрувањата внатре во слушалките.
За претходниот модел можеа да се прочитаат критики за големината, а тоа тешко дека ќе може да биде случајот со WF-1000XM5. Слушалките доаѓаат со различна форма, а додадена е и сјајна изработка, а клучно е намалувањето на големината за 25%, како и тежината за 20% во споредба со претходниот модел. Намалена е големината и на кутијата за полнење, а истата овозможува дополнителни 16 часа на слушање музика, односно две полнење по 8 часа.

Тука се секако посебните додатоци на слушалките кои се направени од посебна пена поради која точно се прилагодуваат на формата на увото и овозможуваат одлично затворање.
Sony новите слушалки ги промовира како слушалки со најдобро активно поништување на шумот, а овој вид на слушалки реално на крајот се бираат и за оваа функција, исто колку и за квалитетот на звукот.
WF-1000XM5 успеваат да ги поништат сите видови на шум, од ниска до висока фреквенција, а тоа го прават со два нови процесори развиени од Sony. На тоа треба да се додадат и Dynamic Driver X, како и двојни микрофони кои успеваат да направат досега најдобро изолирање на корисникот во каква околина и да се наоѓа.
Овие слушалки доаѓаат и со подобрување на квалитетот на звукот кој може да се очекува да е доста подобар само поради подобриот ANC систем. Sony посебно го истакнува Dynemic Driver X и неговата можност подобро да ги истакне вокалите.
Како што би се очекувало, тука е вештачката интелигенција за зголемување на квалитетот на звукот, а тоа се прави и за апликациите за стриминг на музика, истакнуваат од компанијата.
Посебно се истакнува и подобрениот квалитет на телефонските повици, а посебно на способноста на слушалките да го издвојат гласот на корисникот од околината. Тоа се постигнува со помош на машинското учење на основа на повеќе од 500 милиони примероци, а посебно се истакнуваат сензорите за пренесување на звукот од коските на корисникот. Со тоа може успешно да се изолира гласот на корисникот и да не се помеша со другите гласови од околината.
Цената на Sony WF-1000XM5 останува во рамките на претходниот модел, па ќе видиме по која цена ќе бидат достапни кај нас кога ќе почне продажбата.