Почнувајќи од вчерашниот ден, корисниците можат да ја инсталираат најновата верзија од Windows 11. Истата е надградба на ланската поголема верзија, но се’ уште не е новата поголема надградба за оваа година, односно верзијата останува на 22H2.
Како главна новина на септемвриската надградба на Windows 11 е интеграцијата на генеративната вештачката интелигенција, односно Copilot. Корисниците со ова го добиваат, кратко кажано, новиот Bing директно во нивниот оперативен систем, со дополнителни функции поврзани со функционирањето и контрола на компјутерот.
Интеграцијата на Bing, како што јас го нарекувам Copilot, на корисниците им овозможува сумирање на текст од веб страни, креирање на текст за имејл пораки, вклучување и исклучување на темниот режим на Windows 11, креирање на слика според насоки од корисникот и многу повеќе. Сето ова им е достапно на корисниците од лентата на десната страна од екранот која се вклучува преку новото копче на „таскбарот“ или преку кратенката „Ctrl + C“.
Друга интересна новина со вчерашната надградба е поврзана со апликацијата Paint. Интересно е што од компанијата ја подобруваат оваа апликација која постои одамна, но скоро никој не ја користи, па сега доста корисници ќе имаат причина да почнат.

Paint добива помош од вештачката интелигенција, па корисниците сега можат да ја тргнат позадината од сликите, а со тоа да остане објектот во преден план. Дополнително, Paint добива можност за работа со слоеви, па Photoshop треба да внимава да не ги изгуби дел од корисниците. Ова секако шега, слоевите во Paint не може да се споредат со напредната апликација од Adobe, но им дава доста подобар начин на работа на тие кои би ја користеле оваа апликација.
Во неделите што следат Paint ќе добие и можност да креира слика врз основа на насоки од корисникот, исто како што тоа го може Bing, а сега и Copilot функцијата во Windows 11.
Покрај Paint, помош од вештачката интелигенција со слични функции добиваат и Photos апликацијата, како и Snipping Tool.
Snipping Tool добива поддршка за снимање на звук од компјутерот и од микрофонот, по додавањето на можноста за снимање на екранот, конечно. Со ова корисниците сега можат да ја користат оваа апликација за снимање на „туторијали“, без потреба од барање на други апликации.

Дополнително, Snipping Tool сега може да го препознава текстот од сликите, па истиот да се искористи во било која друга апликација.
Photos апликацијата добива можност за заматување на позадината, а ова е резултат на истата функција која ја доби Paint. Со помош на вештачката интелигенција, покрај тргањето на позадината, корисниците можат да ја заматат истата, а се поради успешното препознавање на главниот објект на сликата.

Windows Backup е нова апликација која префрлувањето од еден на друг компјутер ќе го направи доста поедноставно. Можностите на оваа апликација веќе се делумно достапни за корисниците, но со Windows Backup ќе може точно да се види што се зачувува, а подоцна и префрлување на другиот уред.

Вештачката интелигенција доаѓа на помош и кај File Explorer, кој сега е редизајниран и модернизиран, како и кај Start менито. Истата ќе прикажува предлози на бизнис корисниците, а истите ќе бидат врз основа на работата која ја имаат, односно најчесто ја извршуваат.

За крај, уште една доста важна новина со септемвриската надградба на Windows 11 е вклучувањето на новиот Outlook за корисниците. Оваа апликација ги унифицира досега достапните две апликации, Outlook и Mail and Calendar, односно три ако се земе и веб апликацијата. Новата унифицирана апликација е направена на основа на веб апликацијата, изгледа доста помодерно и им овозможува на корисниците алатки кои им се потребни во работата. За разлика од досега, новата апликација им е достапна бесплатно на сите корисници.
Септемвриската надградба на Windows 11 како и претходните, нема на сите веднаш да им биде достапна, па предност ќе имаат тие кои самите ќе проверат за нови верзии, како и тие кои машинското учење ги има ставено на врвот од листата.