SwiftКey е една од најпознатите алтернативни тастатури за Android оперативниот систем, кој што поради својата отвореност овозможува ваков тип на апликации. Оваа тастатура ќе биде достапна и за корисниците на iOS од оваа есен со овозможувањето на вакви апликации од страна на Apple со најновата верзија од оперативниот систем iOS 8. Позната е по својата едноставност, но најмногу по системот за предвидување на вашето пишување кој што со тек на време го учи вашиот стил и се прилагодува на него. За разлика од поголемиот број на други вакви тастатури, SwiftKey има поддршка и за македонскиот јазик, вклучувајќи го и предвидувањето на пишувањето, со што се овозможува функцијата за автоматско довршување на започнатите зборови.
Оваа апликација до вчера за да можете да ја користите потребно беше да издвоите 3,99 долари, иако достапна беше и бесплатна пробна верзија. Почнувајќи од денес, SwiftKey е бесплатна за сите корисници, нешто што сигурно ќе израдува голем број на луѓе, а исто така голем дел ќе се решат за првпат да ја пробаат. Сигурно се прашувате дали ова значи дека сега оваа апликација ќе биде подржана од реклами, како и многу други бесплатни апликации. SwiftKey нема да прикажува реклами, а своите приходи ќе ги добива преку продавање на разни теми кои што го менуваат изгледот на тастатурата преку самата апликација. При инсталирањето достапни ќе бидат 14 различни теми, а ќе можете да докупите дополнителни од избор на 30 теми.
Темите ќе се продаваат по цена од 0,99 долари за една тема, а ќе биде достапен и пакет од 5 теми за 2,99 долари. Корисниците кои што ја имаат купено апликацијата ќе добијат пакет од премиум теми кои што компанијата ги проценува на 5 долари.
Покрај оваа промена со која што апликацијата стана бесплатна, таа вклучува и уште неколку други промени кои се однесуваат на нејзината функционалност. Додадена е можноста за вклучување и исклучување на посебен ред со бројки на горниот дел од тастатурата, систем за предвидување на emoji икони (за Android 4.1 и нагоре), додатни јазици, како и подобрување на Flow функцијата која што овозможува пишување со swipe гестови.
SwiftKey е достапна во Play Store и потребно е да ја избришете старата и инсталирате новата бесплатна верзија. Истата можете да ја симнете преку следниот линк.