На настан во средата, Volkswagen после неколку години на најави, ја претстави модерната верзија на едно од најпопуларните возила, „хипи“ мини комбето од 1950те, сега наречено ID.Buzz.

Уште од првиот поглед на ID.Buzz може да се забележи дека од компанијата го имаат задржано изгледот на старото мини комбе, односно неговата основа, со додавање на модерни линии и делови кои го прават ова ново возило одлично на изглед.

Како што се очекуваше и како што беше најавувано, ID.Buzz е целосно електрично возило кое доаѓа во две изведби, едната како патничко возило, а другата како товарно возило наречено ID.Buzz Cargo.

Главната разлика помеѓу овие две варијанти ќе бидат седиштата, односно во патничкиот модел ќе има седишта за 5 патници, додека во товарната варијанта ќе бидат целосно тргнати задните седишта за да може да се користи просторот за товар.

ID.Buzz треба да почне да се продава во Европа од оваа година, а се најавува нешто подолга верзија за САД која ќе биде претставена идната година, а ќе се продава дури во 2024.

Новото „хипи“ комбе ќе дојде со батерија од 81 kWh и ќе може да достигне брзина од 145 километри на час, која ќе биде ограничена на толку. Уште нема информации за тоа колку ќе може да помине возилото со едно полнење, но се очекува дека ќе биде нешто помалку од 500 километри.

Полнењето на батеријата ќе се прави со полнач од 11kW, но интересна е најавата дека тоа ќе може да се прави со брз полнач до 170kW, со што ќе се добие можност за полнење на батеријата од 5 до 80% за само 30 минути.

Од Volkswagen најавуваат дека ID.Buzz ќе може да полни и други возила, а ќе може да се поврзе и на електричната мрежа кога има проблеми или да напојува цела куќа.

Ставањето на акцентот на дизајнот на ова возило ќе придонесе многу за неговата популарност, а посебно и делот на електрични автомобили од компанијата која до пред некоја година беше позната по аферата за нивните дизел модели.

ID.Buzz во внатрешноста ќе има модерен изглед, односно нешто што сепак во денешно време е веќе стандардно. Тоа важи и за опремата која ќе дојде со можност за до некаде автономно возење, заштита од судири и слично.

Минатата година имаше најави дека ID.Buzz ќе се врати на пазарот како автономно такси, а овој план не е откажан и истото останува како една од намените на ова легендарно мини комбе.

ИЗВОРVolkswagen
Претходна статијаGley пакет за А1 корисници
Следна статијаДоделени наградите за најуспешните македонски е-трговци за 2021
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.