Microsoft во 2021 го претстави нивниот нов сервис, Windows 365. Овој сервис овозможува пристап до целосна инсталација на Windows на серверите од компанијата, до која корисниците можат да пристапат од било кој уред, а секако основниот услов е тој да е поврзан на интернет.
Овој сервис беше претставен за бизнис корисниците, а на нив им овозможува неколку предности, како што е немање зависност од хардверот на компјутерите, редовно ажурирање на хардверот, а тука се и предностите од пристапувањето до корпоративната мрежа и сите заштити кои доаѓаат со тоа.
Според документ кој е пуштен во јавноста, а доаѓа од обидот на Microsoft да ги убеди FTC да не го блокираат купувањето на Activision Blizzard, дознаваме дека долгорочните планови на компанијата се да Windows биде оперативен систем достапен преку „облакот“.
Тоа значи дека покрај за бизнисите, Windows 365 може да се очекува да стане достапен и за приватните корисници во иднина. Со тоа корисниците веќе нема да мора да го имаат најдобриот хардвер на пазарот за да можат да ги играат најновите игри, а тука се секако и повеќе професионалните предности поврзани со измена на слики, видеа, кодирање и вештачката интелигенција.
Нема информации кога би можеле да очекуваме Microsoft да ги официјализира овие планови, па поради тоа ќе мора да почекаме за да дознаеме нешто повеќе за Windows 365 за приватните корисници.