На Build 2023 Microsoft ја претстави најавуваната интеграција на вештачката интелигенција директно во Windows 11. Кратко кажано, Windows 11 доби интегрирана верзија од Bing Chat во посебна лента на десната страна, а корисниците можат да ја користат за функциите кои досега беа достапни преку веб страната на Bing, како и преку Microsoft Edge.
Првата верзија од Windows 11 со оваа интеграција, која е наречена Windows Copilot, требаше да стане достапна до крајот на јуни, но еве сега со многу мало задоцнување, истата им е достапна на корисниците.
Првата верзија од Windows Copilot е достапна во најновата Dev верзија од Windows 11, поточно верзијата 23493.
Од компанијата истакнуваат дека не баш сите функции кои беа презентирани се веднаш достапни, па тие постепено ќе бидат пуштани во месеците што следат. Се очекува дека на сите корисниците Windows Copilot ќе им биде пуштен оваа есен со пуштањето на втората поголема надградба на овој систем.
Како што беше најавено, Windows Copilot се вклучува преку нова икона на долната лента од Windows 11 и се појавува на десната страна од екранот. Корисниците можат да разговараат исто како на Bing страната, но можат да побараат и сумирање на моментално отворената веб страна преку Edge, да извршат одредени функции со компјутерот и слично.
Како пример за можните команди кои може да му се дадат на Windows Copilot се истакнуваат вклучувањето на темната тема од системот, вклучување на режимот за не вознемирување, правење слика од екранот, сумирање на веб страна, пишување на текст, како и правење на слика врз основа на параметрите кои ќе ги побара корисникот.

Покрај Windows Copilot, оваа верзија од Windows 11 донесува уште една интересна и корисна новина, а тоа е нова главна страна од Settings. Истата сега вклучува повеќе картички каде се поставени одредени прилагодувања и информации кои се сметаат како поважни, па корисникот може брзо да направи одредени промени без да мора да оди до посебното прилагодување.
На пример достапни се препорачани прилагодувања како тие за екранот, звукот и слично, тука е информацијата за просторот на OneDrive, картичка за брза проомена на темата или позадината, информација за Microsoft 365 претплатата, Bluetooth уреди и слично.
Веќе одреден период се гледа дека есенската надградба на Windows 11 ќе биде доста голема, па може да се спореди дури и со првото пуштање на овој систем.