Фото: Shutterstock.com

Дејв Пламер е пензиониран програмер кој има работено за Microsoft во деведесеттите. Тој е познат по развојот на Task Manager во Windows, имплементацијата на Zip поддршката во Windows и слично. 

Тој сега објавува видеа на неговиот Dave’s Garage YouTube канал кој има повеќе од 1 милион претплатници, а има и доста интересни интервјуа со него поврзани со Windows, програмирање и слично. 

Во неговото видео насловено „Windows “SUCKS”: How I’d Fix it by a retired Microsoft Windows engineer“ во основа истакнува дека Windows не е добар оперативен систем, а посебно за напредните корисници. 

Пламер истакнува дека основата на кодот на Windows е добра како и на било кој друг систем, па дури и Linux, но смета дека софтверот кој е потоа додаден над го прави проблемот. Microsoft се обидува да направи систем кој е добар за милијарда корисници, нешто што секако нема да им се погоди на напредните корисници. 

Според него, Windows треба да има Pro или напреден режим кој отвора повеќе можности за напредните корисници, режим кој би прекинал со предложување на апликации за корисниците, би го тргнал пребарувањето на интернет во локалното пребарување, конечно организирање на сите прилагодувања на една локација, како Settings, а има и неколку предлози за правење на Windows попогоден за програмерите. 

Очекувано, Пламер посветува дел и за приватноста на Windows, честите надградби кои се инсталираат без прашање и слично. 

Целото видео можете да го погледнете во продолжение.