Решеноста на Microsoft да ја интегрира генеративната вештачка интелигенција во сите нивни производи, а тоа посебно ќе важи за оваа година, сега се гледа и во промена на Windows тастатурата после можеби 30 години.
Тастатурите за Windows добиваат ново копче, Copilot, со чие притискање ќе се активира овој „асистент“ од компанијата. Засега ова копче ќе ја има само оваа функција, но ќе видиме во иднина дали ќе може да се комбинира како што е случајот со Windows копчето.
За Microsoft ова е најзначајната промена на тастатурата после три децении и веруваат дека на корисниците ќе им дојде како мотивација да ја користат вештачката интелигенција која е вградена во Windows, односно Copilot.
„Воведувањето на копчето Copilot ја означува првата значајна промена на тастатурата на Windows PC во речиси три децении. Веруваме дека ќе ги поттикне луѓето полесно да учествуваат во трансформацијата на вештачката интелигенција. Копчето Copilot се приклучува на копчето Windows како основен дел од тастатурата на компјутерот и кога ќе се притисне, новото копче ќе го повика Copilot на Windows за да го направи беспрекорно вклучувањето на Copilot во вашето секојдневие. Пред скоро 30 години, го воведовме копчето Windows на тастатурата на компјутерот што им овозможи на луѓето од целиот свет да имаат интеракција со Windows. Го гледаме ова како уште еден трансформативен момент во нашето патување со Windows каде што Copilot ќе биде влезна точка во светот на вештачката интелигенција на компјутерот.“ – истакнуваат од Microsoft.
Првите компјутери и тастатури со новото копче може да се очекуваат веќе на CES 2024 саемот за технологија овој месец, а во периодот што следи тие ќе станат достапни и во продажба.
Од страната на Microsoft се очекуваат два нови Surface уреди кои ќе ја започнат „годината на вештачката интелигенција“.
Новото Copilot копче ќе биде поставено на десната страна од тастатурата, на местото на „мени“ копчето, односно веднаш до „Alt“ копчето.