Automatic, компанијата која стои зад WordPress.com и во голем дел зад развојот на WordPress платформата, претставија нова функција на нивниот познат Jetpack додаток. Новата функција е наречена Jetpack AI Assistant и уште од самото име може да се претпостави што ќе може да се прави со истата.
Најголемата платформа за блогери и веќе одамна разни видови на веб страни, целосно очекувано е дека ќе се приклучи на трендот на користење генеративна вештачка интелигенција. Не е познато дали од компанијата ја користат технологијата од OpenAI, односно GPT, но од тоа што може да се види, шансите се големи.
Jetpack AI Assistant се користи како уште еден „блок“ во WordPress кој корисниците можат да го додадат на нивната објава или страна. Како што веќе ни е познато како се користат овие „асистенти“, корисниците можат да побараат пишување на наслов, сумирање на текстот, но најинтересно од се, пишување на цела статија.
Корисниците можат, исто како на ChatGPT, да дадат неколку насоки и Jetpack AI Assistant ќе им напише цел текст. Тој текст потоа може да се измени, како и да се изберат различни „тонови“, односно сериозен, самоуверен, хумористичен и уште цела листа.
Пишувањето на текстот може да вклучува и работи како листи, табели и слични форми, а не само текст, што е доста корисно.
Покрај овие можности, Jetpack AI Assistant може да преведува од неколку јазици, а може да го проверува текстот за печатни и граматички грешки.
За корисниците на WordPress.com, Jetpack AI Assistant е достапен бесплатно во ограничен период, додека за останатите ќе чини 10 долари месечно, со можност за бесплатна проба со одредени ограничувања.