Yahoo!_logo

По неофицијалните информации од минатата недела, одборот на директори на Yahoo излезе со официјално соопштение што планираат да прават со компанијата. Како што им е познато на повеќето, Yahoo, еднаш главна компанија за интернет пребарување, денеска се мачи да ја задржи својата профитабилност.

Веб сервисите на Yahoo и денеска се едни од најмногу користените и посетувани од страна на корисниците. Сепак, тоа ни приближно не може да се мери со пазарните удели и влијание на Google и Facebook, па од компанијата се обидуваат на разни начини да останат релевантни.

Начинот на кој што Yahoo размислуваа да ја „спасат“ компанијата, според минатонеделните неофицијални информации, е со издвојување на одделните бизниси кои што се дел од неа. Очекувањата беа дека делот кој што ќе биде издвоен, а и продаден, беше уделот на компанијата во Alibaba кој што се проценува на повеќе од 30 милијарди долари. Исто така, заедно со Alibaba, најавено беше издвојување и на уделот на компанијата во Yahoo Japan кој што е втор по големина со проценета вредност од околу 8,5 милијарди долари.

Главниот проблем околу оваа можност беше ризикот од оданочување, кое што би било огромно со оглед на вредноста на акциите. Американската IRS се нема одлучено да го даде своето мислење за легалноста на одлуката и можноста за оданочување, па поради ризикот од пад на вредноста на акциите во новата компанија каде што би биле префрлени акциите од Alibaba, оваа опција беше најавена како помалку веројатна уште вчера.

Компанијата која што требаше да биде формирана за преземање на акциите од Alibaba беше планирано да се вика Aabaco.

Денес, одборот на директори на Yahoo ја потврди оваа информација, односно одлуката да не се прави издвојување на инвестицијата во Alibaba. Наместо тоа, тие ќе направат таканаречено обратно издвојување кое што и доколку биде оданочено, сумата ќе биде многу помала.

Обратното издвојување значи издвојување на сите делови, освен Alibaba, во нова компанија. Тие делови го вклучуваат главниот бизнис на Yahoo кој што ги вклучува онлајн сервисите (Yahoo Search, Yahoo Mail и други) и бизнисот со реклами, како и уделот во Yahoo Japan.

Во новата компанијата акционерите на Yahoo ќе добијат соодветен број на акции, односно тие ќе бидат пропорционално распределени согласно првичниот удел во главната компанија.

Оваа одлука е ваква поради тоа што уделот во Alibaba всушност е најуспешниот дел од Yahoo, па акционерите тој дел го сметаат за најважен. Главниот бизнис на Yahoo се проценува на трето место после Yahoo Japan, со вредност некаде од 2 до 8 милијарди долари.

Со ова издвојување, Yahoo престанува да биде истата компанија. Новоформираната компанија каде што ќе преминат бизнисите најмногу познати на обичните корисници, може и најверојатно ќе бидат продадени на друга компанија, па главната Yahoo веќе ќе нема улога во развојот на нејзините сервиси.

Извор: Yahoo, VB, TNW, NYTimes

Претходна статијаFreeSync технологијата на AMD отсега ќе може да работи и преку HDMI
Следна статијаCortana официјално достапна на Android и iOS
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.