Во мај оваа година Google го најави својот план да ги избрише сметките од корисниците кои се неактивни. Како неактивни сметки ќе се сметаат тие кои не биле користени повеќе од две години, а како причина за ова се истакнува безбедноста на корисниците чии сметки се користат за крадење на идентитетот, а корисниците често ја користат истата лозинка на други сервиси.
Процесот на бришење е најавен дека ќе започне од декември, што значи дека од петок може да се очекува да се почне со бришење. Не сите сметки веднаш ќе бидат избришани, па од компанијата планираат постепено да го прават истото, а корисниците ќе добијат и дополнителни известувања.
Нема да бидат избришани сметките кои на нив имаат YouTube видеа, како и тие кои имаат активни претплати, иако не се користат за нешто друго.
За да се спречи бришењето на сметките корисниците се што треба е да се најават на истите, а истото посебно треба да се направи на Google Photos сервисот.
Како активни се сметаат сметките кои се користат за читање и испраќање на имејл пораки, чување и измена на датотеки на Google Drive, гледање на YouTube видеа, споделување на слики, симнување на апликации од Play Store, користење на Google Search, како и најавување на други сервиси со таа сметка.