Голем дел од веб страните се чини како да цело време бараат начини како да се наметнат на своите читатели. Доколку едно време рекламите и видеата кои самите почнуваат се сметаа за проблем, сега полека барањата за добивање на известувања го преземаат тоа место.
Верувам дека нема некој од вас кој нема наидено на барем неколку веб страни кои бараат согласност да испраќаат известувања. Дека ваквите барања се досадни и пречат во корисничкото искуство покажува и истражувањето кое го имаат направено од Mozilla.
Според нив, 99% од прикажаните барања не се прифаќаат, а 48% од нив директно и се одбиваат, односно се избира да веќе не им бидат прикажани. Покрај ова, од Mozilla имаат откриено дека повторното прикажување на овие барања не ја зголемува шансата да бидат прифатени, па може слободно да се каже дека корисниците не сакаат да ги гледаат.
Почнувајќи од веќе достапната верзија од Firefox, 70, при прикажувањето на барањето за добивање на известувања, копчето „не сега“ е заменето со „никогаш“, а од почетокот на идната година, односно со верзијата 72 од Firefox, овие барања веќе нема да им пречат на корисниците.

Firefox нема да почне да ги блокира барањата, но за да може да му бидат прикажани на корисникот, тој ќе треба да притисне самиот на иконата која ќе се појави во лентата за адреси. Доколку корисникот на го притисне копчето, барањето нема да му биде прикажано и нема да му пречи.
Ова е одлична новина од Mozilla и секако би требало да влијае малку барем на соодносот на „силите на пазарот“ каде Chrome е на убедливо прво место.