Најголемиот број од мобилните уреди во денешно време доаѓаат со стандардизиран начин на нивно полнење, односно тие го користат USB стандардот и соодветните кабли за таа намена. Bleep e USB кабел кој што треба да го замени вашиот досегашен кабел со кој што го полните вашиот уред, а со тоа да ви овозможи една дополнителна и корисна функција.
Сигурно голем дел од вас користат некој од достапните cloud сервиси и повеќето податоци од вашиот мобилен телефон автоматски ги зачувувате во облакот. Меѓутоа има доста корисници кои што не се чувствуваат сигурно да ги користат овие сервис, а можеби и тие што ги користат, тоа не би сакале да го прават за сите видови на податоци. Поради тоа во последно време кога интернет приватноста се смета дека и скоро не постои, офлајн бекап решенијата стануваат повторно доста популарни.
Bleep кабелот има вградено flash меморија со капацитет од 16, 32 и 64 GB. Секогаш кога ќе го вклучите вашиот мобилен телефон, покрај тоа што ќе се наполни, сите ваши податоци ќе бидат бекапирани, односно ископирани на кабелот. Со достапната апликација за Android и iOS, можете да избирате кои податоци би сакале да бидат бекапирани, а исто така можете да направите враќање на податоците на друг уред доколку го изгубите вашиот главен уред. Исто така поради тоа што се работи за flash меморија, bleep можете да го користите како и секое друго мемориско стикче, односно можете да го поврзете на компјутер, а со тоа добивате можност за префрлување на податоците за дополнителна заштита од губење.
Податоците кои што се чуваат на bleep се енкриптирани, што значи дека не може кој сака да пристапи до нив. Шифрата за пристап до податоците ја местите преку мобилната апликација.
Bleep е направен од страна на израелската компанија Musers Ltd и моментално е во фаза на прибирање на средства преку Indiegogo платформата. До моментот на пишување на оваа статија собрани се повеќе од 30.000 долари, од потребните 20.000 на 48 дена до истекот на рокот. Bleep може да се нарача по цена од 40 долари за моделот со 16 GB, па нагоре зависно од капацитетот и периодот на нарачка.
Извор: Indiegogo, TechRepublic