Јапонскиот производител скоро 7 години го користеше одличниот сензор од 20 мегапиксели во својот DSLR фотоапарат од средно – високата класа, но конечно дојде време за промена. Иако се очекуваше дека ќе лансираат сензор со повеќе мегапиксели, никој не очекуваше 50.6. Досега, рекордер во класата беше Nikon со D800 серијата со сензор од 36,3 мегапиксели, што беше доволно да украде многу купувачи од својот најголем конкурент.
EOS 5Ds и EOS 5Ds R се фотоапарати со 35 милиметарски сензор, кој е со истата големина како филмот кај постарите филмски апарати, што во светот на фотографијата се смета како идеалната димензија. Развиен е од Canon и има фантастични 50,6 мегапиксели, а според најавите, покрај повисоката резолуција, ќе вади фотографии и со многу помалку шум во ноќни услови и подлабоки бои. Сепак, за многу фотографи можеби ќе биде разочарување ISO осетливоста од 100-6400 (софтверски проширено до 12800), бидејќи многу конкуренти одат и до ISO 25600 и нудат можност за сликање во многу потемни услови.
Покрај новиот сензор, целосно нов е и DIGIC 6 фотографскиот процесор, кој овозможува сликање со 5 слики во секунда и покрај нивната големина. Системот за автофокус има 61 точка, додека метеринг сензорот за светлина делува во 252 зони и има 150.000 пиксели. Подобрувања има и во окуларот, кој сега има 100% покривање на сцената, што го прави воопшто еден од најголемите во светот на фотографијата.
Разликата меѓу двата погоре споменати фотоапарати е во филтерот за сензорот. Имено, 5Ds доаѓа со филтер, кој овозможува да го нема “moire” ефектот на виножито во фотографии со многу контраст (на пример кошула со пруги), но затоа ја омекнува фотографијата и не ја дава целосната острина која ја ветува сензорот од 50,6 мегапиксели. R моделот доаѓа без овој филтер и ветува исклучително висока острина, но на сметка на повеќе “moire” во фотографиите.
И покрај сите фотографски подобрувања, 5D серијата на Canon нуди се помалку и помалку подобрувања во видео сегментот, односно, овој модел е дури и послаб од својот претходник во овој дел. Снима само Full HD видео со 30 фрејмови по секунда и нема можност за 4K, а нема ниту влез за микрофон, или HDMI излез за надворешен дисплеј. Да потсетиме, токму Canon EOS 5D од втората генерација направи бум во користењето професионални фотоапарати за видео снимање.
Цената на DSLR фотоапаратите со најмногу мегапиксели ќе биде 3699 долари за 5Ds моделот, односно плус 200 долари за 5Ds R и се однесува само на телото, без објектив. Нормално, апаратот ќе може да ја користи целата плејада EOD објективи на Canon.