Chromebook компјутерите кои што работат на Chrome OS оперативниот систем од Google, иако се’ уште не се сметаат како реална замена за другите лаптоп компјутери, добиваат на популарност се повеќе. Тоа се должи на нивната едноставност, целиот оперативен систем е базиран во главно на Chrome прелистувачот, како и Linux Kernel, што го прави доста брз и едноставен за користење. Исто така Chromebook уредите доаѓаат со доста ниска цена, па корисниците не ретко се одлучуваат за нив.
Microsoft најави дека ќе се обиде да конкурира на овој дел од пазарот со целосното укинување на лиценцата и со намалувањето на цената за уредите со помал екран и уредите кои што ќе се продаваат со цена пониска од 250 долари. Со оваа одлука, од компанијата очекуваат производителите да почнат да прават поевтини уреди кои што работат на Windows, наместо на конкурентните оперативни системи кои што најчесто доаѓаат со бесплатна лиценца за користење.
Еден од најавените уреди кои што ќе бидат во категоријата на евтини уреди кои што работат на Windows 8 е HP Stream лаптопот кој што е најавен, меѓутоа се’ уште не е официјално претставен, а и нема информации за неговите карактеристики. Меѓутоа, како што тоа често се случува пред претставувањето на некој уред, на HP страната за кратко време можеше да се видат карактеристиките на очекуваниот евтин уред.
Од страната можеше да се види дека HP Stream 14 ќе доаѓа со прилично ниска цена од само 199 долари. Како што може да се види од името, уредот ќе вклучува 14 инчен екран со резолуција од 1366 x 768 пиксели. Останатите карактеристики вклучуваат:
- AMD A4 Micro-6400T “Mullins” процесор кој што ќе работи на 1,6 GHz со четири јадра
- Radeon R3 графика
- 2GB RAM меморија
- 32 и 64GB внатрешна меморија и слот за SD картица
- 802.11b/g/n WiFi
- Bluetooth 4.0
- HDMI output
- 1 USB 3.0 порта и 2 USB 2.0 порти
- 4 Beats Audio звучници
- 720p камера
Овој лаптоп доаѓа со скоро истите карактеристики кои што ги има Chromebook 14 од HP, а треба да вклучува и 100GB бесплатен простор на OneDrive за првите две години, нешто што им следува на корисниците од Google.
Ќе биде интересно да се види дали ваквите евтини уреди кои што ќе работат на Windows ќе можат да конкурираат на зголемената популарност на другите платформи. Слабата прифатеност на Windows 8 како оперативен систем сигурно не помага во тоа.