Ерата на безжичните комуникации помина! Не баш, но корисниците се повеќе се соочуваат со проблеми со Wi-Fi мрежата со фреквенција од 2,4 Ghz, а поради се повеќето уреди кои може да се поврзат со домашниот рутер. Еден од производите со вакви проблеми е и Chromecast на Google.
За да го решат овој проблем, Google лансираше нов адаптер кој ќе овозможи жично поврзување на Chromecast, односно со стариот добар LAN кабел, кој секогаш овозможува максимална брзина, без пречки во протокот на податоци. Секако, оние со поголем стан ќе мора веројатно десетиците метри кабел да ги кријат под тепихот, но тоа е засега единственото решение доколку сакате непрекинат интернет.
Проблемот лежи во тоа што Chromecast, иако е наменет само како безжичен уред, не работи на новите N мрежи со фреквенција од 5 Ghz, а кои немаат проблеми со пречки во сигналот и исто така работат многу подобро на поголеми далечини. Ваква можност секако треба да очекуваме во новата генерација на Chromecast, но засега, единственото решение е LAN адаптерот.
Цената на адаптерот изнесува 15 долари и истиот е веќе распродаден, додека цената на самиот Chromecast изнесува од 30-35 долари, зависно од тоа каде се продава. Уредот инаку се користи за безжично (кхм, жично), пуштање на видео и мултимедијални содржини од апликации како YouTube и Netflix на голем телевизор, како на пример од вашиот телефон или таблет.
Извор: Forbes, The Next Web