hero_phone_new

Blackphone беше претставен на почетокот од оваа година, поточно на крајот на Февруари за време на MWC 2014 настанот. Направен во соработка помеѓу две компании, шпанската Geeksphone и софтверската компанија Silent Circle, овој телефон се продава како првиот телефон кој што е направен со цел да ви овозможи високо ниво на приватност и безбедност во ова време на шпионирање.

Работи на Android оперативниот систем, меѓутоа на целосно изменета верзија која што ја имаат наречено PrivatOS. Иако ништо не може да понуди 100% заштита, сепак овој оперативен систем оневозможува одредени сервиси кои што се потенцијална закана за приватноста, а овозможува и поголем избор на корисниците за начинот на работа. Во системот се вградени и апликациите од Silent Circle кои што овозможуваат енкриптирана комуникација и слично.

На почетокот на идната година Blackphone ќе добие сопствена продавница за апликации. Моментално корисниците на овој телефон немаат пристап до Play продавницата, а апликациите најчесто ги симнуваат преку Amazon продавницата.

Причината за одлуката да не се овозможи пристап до Play продавницата е послабата контрола и проверка на апликациите кои што се поднесуваат, па според Blackphone тие не се сигурни кога е во прашање приватноста на корисниците. Можевме и да прочитаме за ситуации каде одредена апликација собира информации кои што не и се потребни за нејзината намена.

Продавницата за апликации која што ќе биде достапна од Blackphone нема да има голем број на апликации, а тие што ќе ги има ќе бидат проверувани за тоа дали ја вршат работата која што стои во нивниот опис. Исто така тие ќе бидат проверувани за други потенцијални проблеми, па корисниците би требало да бидат сигурни дека апликациите инсталирани преку оваа продавница не можат да ја загрозат нивната приватност.

Овој начин на работа и самите развивачи на Blackphone го нарекуваат Apple модел, кој што вклучува построг систем на проверка на поднесените апликации пред истите да бидат достапни за корисниците.

Покрај оваа новост, корисниците на Blackphone ќе добијат можност за креирање на посебни партиции каде што системот ќе може да биде поделен на делови кои што нема да може да пристапуваат до информациите и податоците еден од друг. Тоа треба да овозможи корисниците да можат да си направат приватен и деловен систем. Ова можност е наречена Spaces и доаѓа од канадската компанија Graphite Software.

Извор: The Register, Mashable, Cnet

Претходна статијаThe Pirate Bay исклучен после акција од страна на шведската полиција
Следна статијаКористење на светлината наместо жици во компјутерите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.