JOLLA

Паметниот телефон Jolla, кој за првпат се појави како стартап проект во мај годинава, е достапен во продажба. Она што најмногу го разликува овој телефон од останатите на пазарот е новиот оперативен систем наречен Sailfish OS.

Sailfish оперативниот систем е базиран на MeeGo софтверот на Nokia чиј развој беше прекинат во полза на Windows Phone уште во 2011 година. Впрочем, позади Jolla стои тим од поранешни вработени во финскиот гигант кои решиле да продолжат со самостоен развој. Иако ова на прв поглед делува како ризичен потег, Sailfish оперативниот систем дозволува на корисниците освен нативните Sailfish апликации, паралелно да користат и Android апликации. На овој начин се овозможува новиот оперативен систем да биде полесно прифатен, како од страна на корисниците, така и од креаторите на апликации.

Делот каде што не успева да импресионира премногу овој телефон е хардверот. Jolla доаѓа со димензии од 131 x 68 x 9.9 милиметри и тежи 141 грам. Екранот е со големина 4.5 инчи и резолуција од само 960 x 540 пиксели. Телефонот работи на дво-јадрен Qualcomm Snapdragon 400 процесор со работна фреквенција од 1.4 гигахерци, придружен од 1 гигабајт RAM и 16 гигабајти вградена флеш меморија со можност за надградба преку microSD картичка. За графичка обработка е задолжен Adreno 305 графичкиот процесор. Задната камера е со резолуција од 8 мега-пиксели, додека предната е 2 мега-пикселна. Батеријата е со капацитет од 2100 мили-ампер часови.

Jolla ќе нуди избор од девет различни бои. Маските во различна боја ќе може да се набават одделно и да се менуваат по желба во секое време. Телефонот е засега достапен само во Финска, но во блиска иднина ќе почне да се дистрибуира и во уште 135 други земји. Моменталната цена на Jolla е 399 евра, што го става во многу силна конкуренција против неколку популарни уреди како Google Nexus 5 и Motorola Moto G.

Претходна статијаПуштена LTE мрежата на T-Mobile во одредени делови на Скопје
Следна статијаApple патентира технологија за препознавање на лица