По претставувањето на првиот Galaxy Note скоро и да нема производител без таблет/телефон во својот арсенал и понудата на такви уреди само продолжува да се проширува и во пониските класи. LG Stylus 2 е еден таков смартфон – достапен, но со многу можности преземени од ваквите уреди од повисоките класи.
Тука секако мислам на дигиталното пенкалце, кое може да биде корисно за брзо земање забелешки – LG дури има инсталирано и специјална “Pop Memo” апликација која автоматски се отвора кога ќе го извлечете пенкалцето од смартфонот. Корејците ветуваат и висока прецизност благодарение на специјалниот “Nano” слој.
Во внатрешноста работите сепак не се толку импресивни. Процесорот има четири јадра кои работат на 1,2 Ghz и е помогнат од само 1,5 GB рам меморија. Вграден е простор од 16 GB за складирање на податоците, а има простор за micro SD картичка за проширување, додека батеријата има капацитет од 3.000 mAh – исто така не претерано импресивно.
Дисплејот исто така има само HD резолуција (1280х720), која растегната на 5,7 инчен екран секако дека нема да изгледа претерано добро. Камерите, барем на хартија, се делумно подобри – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели. Вградената Android верзија ќе биде најновата Marshmallow 6.0.
Како и да е, идејата на овој смартфон не е да не подзине со своите спецификации, туку да понуди поевтино решение за сите кои сакаат да имаат голем смартфон со дигитално пенкалце, односно во превод, поевтин Galaxy Note. LG сеуште нема дадено информација за цената или за тоа каде ќе биде достапен телефонот, а повеќе информации може да се очекуваат на MWC 2016.
Извор: TechnoBuffalo, Ubergizmo, LG