gsmarena_001

Веројатно поради константно достапниот интернет, дигиталното радио не успеа кај смартфоните како што е тоа случај со автомобилите на пример, кои веќе неколку години имаат вграден приемник за дигитално радио. Работите сепак веројатно ќе се сменат и наскоро и паметните телефони ќе имаат ваков приемник или пак таков тренд најавува новиот LG Stylus 2.

Дигиталното радио има неколку предности во однос на аналогното, истите оние кои ги има дигиталната телевизија во однос на аналогната – чист сигнал, без шум и без намалување на квалитетот на музиката и можност за праќање подетални информации (слично на RDS, само подобро, нормално).

Всушност, исто како што би слушале музика преку интернет, со таа разлика што ова ќе биде целосно бесплатно како и аналогното радио и уште поважно, нема да ги троши бајтите на вашиот драгоцен ограничен 3G или 4G интернет.

LG има вградено и специјален софтвер, кој може да се поврзе преку интернет за повеќе информации за тоа што го слушате, но тоа секако не е задолжително.

Кај нас сеуште нема достапни дигитални радио станици, но доколку има повеќе уреди на пазарот со ваква можност, верувам дека би се смениле работите – многу европски земји веќе целосно се префрлаат на дигитално радио.

Самиот смартфон инаку е од средно-ниската класа и има 5,7 инчен дисплеј со HD резолуција, процесор со четири јадра на 1,2 GHz, 1,5 GB рам меморија, предна камера со 8 мегапиксели и задна со 13 мегапиксели.

Батеријата има капацитет од 3.000 mAh, што е веројатно доволно за целодневно користење, а за оние кои сакаат да извадат максимум од дигиталното радио, вграден е и звучник со моќност од 1W, што е прилично многу за еден паметен телефон.

Како што најавува името, уредот има и вградено дигитално пенкалце за пишување забелешки, обележување и цртање.

LG Stylus 2 ќе доаѓа со вграден Android Marshmallow 6.0 и во почеток ќе биде достапен во неколку земји во Европа, меѓу кои не е и нашата, но причина за тоа е веројатно недостатокот на дигитално радио.

Цената сеуште не е позната, но се сомневам дека ќе чини над 250 евра со оглед на спецификациите.

Извор: Android Central, GSMArena, SlashGear

Претходна статијаStardock развива софтвер кој ќе овозможи користење графички на AMD и Nvidia во ист компјутер
Следна статијаVoxiebox може да прикажува 3D холограми без посебни очила