Како што веќе подолго време се шпекулираше Nokia претстави мобилен телефон кој што работи на Android оперативниот систем на MWC 2014 настанот кој што веќе се одржува. Меѓутоа она што беше мало изненадување се трите модели од овој телефон, односно Nokia X, X+ и XL. Трите модели се од ниската класа и со прилично ниска цена. Nokia X ќе се продава за само 89 евра и ќе биде достапен во Источна Европа, Азија, Јужна Америка, како и на други места, меѓутоа нема да биде достапен во Северна Америка, Јапонија, Кореа, како и западноевропските земји. Nokia X+ моделот ќе се продава за 99 евра, додека најјакиот XL за 109 евра.
Како што можеше да се види од неофицијални слики Nokia X серијата работи на целосно изменета и прилагодена верзија од Android оперативниот систем. Целиот концепт на оперативниот систем изгледа по малку чудно. Освен очекуваниот кориснички интерфејс кој што е направен да потсетува на Windows Phone и можеби е сепак до некаде познат на одредени корисници, остатокот од него не вклучува Google апликации и сервиси, како и Play Store. Акцентот кај овие телефони е ставен на сервисите од Microsoft и Nokia, а апликациите може да се инсталираат преку посебна продавница за апликации од Nokia. Од ова може да се види дека X серијата е наменета да го покрие недостатокот на апликации во Windows Phone App Store, меѓутоа во исто време да ги прилагоди и насочи корисниците кон користење на оперативниот систем и сервисите од Microsoft.
Корисничкиот интерфејс иако сличен, не е ист со Windows Phone. Тој вклучува изглед на плочки кој што сепак не се ажурираат во вистинско време, но сепак плочките како календар или повици ги покажуваат потребните информации. На телефоните е поставено само едно копче на допир кое што ве враќа назад, односно копче со back функција. Доколку сакате да се вратите на home екранот потребно е да го задржите копчето.
Nokia X моделите доаѓаат со во главно истите карактеристики. Тие доаѓаат со IPS екрани со резолуција од 800 x 480 пиксели, каде што само XL моделот доаѓа со 5 инчен екран за разлика од двата други модели кои доаѓаат со 4 инчни екрани. Доаѓаат со двојадрен Snapdragon S4 процесор кој што работи на 1 GHz, како и 768 MB RAM меморија, односно 512 MB на најслабиот X модел.
Овие модели доаѓаат со избор од повеќе бои и се многу слични со Lumia 520 серијата. Немаат некои посебни додатни карактеристики по кој што би се истакнале, па оперативниот систем и неговиот начин на работа е најинтересната работа кај овие модели.
Од тоа што може да се прочита на повеќе портали кои што се присутни на MWC 2014 настанот, овие телефони работат прилично бавно и се чудни и неинтуитивни за користење. Недостатокот на Google апликациите и сервисите го поставува и прашањето зошто Nokia се има одлучено да претстави ваков хибриден уред, а посебно дали тој ќе успее.
http://www.youtube.com/watch?v=_pdTuFWbcNI