Успехот на таблет/лаптоп преносните уреди со Windows 10, го натера и Alcatel, кој ни е пред се познат по паметните телефони со Android, да произведе еден. Нивниот обид се сместува во пониските класи и има неколку карактеристики кои го издвојуваат од конкурентите.
Plus 10 има 10,1 инчен дисплеј со прилично слаба резолуција од 1280х800 пиксели, но барем има два стерео звучници поставени напред, па гледањето видеа и слушањето музика би требало да е добро искуство. Околу дисплејот може да се види дека рамката не е многу голема, што значи дека и димензиите ќе бидат меѓу помалите, а и целосниот дизајн остава впечаток на компактност.
Во внатрешноста е вграден Intel Atom T3 Z8350 процесор со четири јадра на 1,92 GHz, помогнат од 2 GB рам меморија и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Овие компоненти се доволно добри за да овозможат флуидна работа низ оперативниот систем и модерните апликации, но не очекувајте брзо и мазно да работат стандардните Windows програми, како на пример оние на Adobe и сл.
Но, таблет/лаптопот на Alcatel има и неколку адути во ракавот. Тастатурата, која ќе доаѓа со уредот во пакувањето, има вграден LTE модем, што значи дека може да ставите во неа SIM картичка и да имате интернет. И не само тоа – со вградениот Wi-Fi hotspot, интернетот може да го поделите со уште 15 корисници!
Исто така, тастатурата вклучува и дополнителна батерија од 2.580 mAh, која заедно со таа во таблетот од 5.830 mAh, овозможува околу 8 часа користење – не е импресивно, но за многумина доволно за еден цел работен ден.
Она што е најмалку важно за еден Windows таблет, камерите, тука се застапени со два примероци – задна со 5 мегапиксели и предна со 2 мегапиксели. Искрено, не знам зошто производителите продолжуваат да ја ставаат подобрата камера назад – би било пологично да имате подобра селфи камера на таблетот.
Цената на Alcatel Plus 10 сеуште не е објавена, но би требало да биде прилично достапен – сличните уреди на него чинат околу 15.000 денари кај нас, па очекувано е и моделот на Alcatel да биде во тој ценовен ранг.