Последниве неколку години, паметените телефони доаѓаат со се поголеми батерии и ноторниот проблем за кратко траење на батериите веќе и не постои, но од друга страна, пак, полнењето на овие батерии трае со часови. Затоа, тука на помош доаѓа Qualcomm Quick Charge, кој во третата генерација ќе донесе уште поголемо забрзување на полнењето на батериите.
Првиот Quick Charge 3.0 чип ќе биде долго најавуваниот Snapdragon 820, кој треба да почне да се вградува во телефоните од високата класа на почетокот од наредната година. Со новата верзија на брзо полнење, чипот на Qualcomm сега ќе може да ги наполни телефоните за 38% побрзо во однос на својот претходник, кој исто така е исклучително брз. Ова значи дека новите паметни телефони со овој чип, ќе можат да се наполнат од 0-80% за само 35 минути!
Но, новитетите не застануваат тука. Имено, во овој чип ќе биде вграден и нов INOV систем (Intelligent Negotiation for Optimum Voltage), кој има вграден алгоритам што автоматски ја одредува брзината на полнењето, земајќи неколку фактори. Ова, според Qualcomm ја зголемува ефикасноста на системот и го оптимизира полнењето на батеријата. Покрај тоа, новото решение ќе овозможи и подолг век на траење на батеријата, односно повеќе целосни полнења пред да почне да и опаѓа капацитетот.
Quick Charge 3.0 во почеток ќе се вградува во Snapdragon 820, но брзо потоа ќе му се придружат и чиповите од средната класа и тоа Snapdragon 620, 618, 617 и 430.
Извор: The Verge, Windows Central