Galaxy Note 7 беше првиот голем таблет/телефон на Samsung кој беше претставен пред новите iPhone-и и според аналитичарите, но и според некои внатрешни извори, данокот на тоа е проблемот со самозапалувањето на батеријата кај телефонот.
Ова е логично, иако не мора да значи дека е целосно точно. Имено, факт е дека Samsung го забрза развојот и производството на Note 7 со цел тој да биде претставен пред новите iPhone-и и тоа би можело да е причина зошто се јавуваат проблеми со батеријата во самиот телефон. Сепак, не е исклучена можноста проблемот да е поради добавувачот на батеријата на Samsung, а не во развојниот или производствениот процес.
Според Bloomberg, пак, желбата на Samsung да го лансира Note 7 пред iPhone 7 донела до исцрпување на работниците – многумина од нив често преспивале на работа. Исто така, според внатрешни извори од Samsung, батеријата е преголема за телефонот во кој се наоѓа и тоа предизвикува кратки споеви кои придонесуваат за експлозија на батеријата. Иако, да бидеме искрени, батерија од 3.500 mAh не се чини како претерано голема за телефон со 5,7 инчен дисплеј.
Samsung инаку веќе почна со отповик на уредите и првите примероци со здрава батерија треба да почне да се испорачуваат од 21 Септември. Доколку навистина батеријата е преголема за телефонот, дали тоа значи дека новите телефони повторно би биле потенцијален пожар во вашата рака? Се сомневам – Samsung е сепак производител со голем број на задоволни корисници и секако дека ќе се обиде тоа да остане така. Очекувајте проблемот со батериите набрзо да биде решен и ова да остане само како темна дамка на инаку успешната Galaxy серија на Samsung.
Извор: Techno Buffalo, Bloomberg, Extreme Tech