Патики кои самите се врзуваат, нешто што се очекува веќе одамна поради познатиот филм „Враќање во иднината“, од минатата година стана јасно дека ќе станат реалност. Nike ги најави, па ги претстави во ограничена прототип верзија овие патики, дизајнирани според тие во филмот.
Hyperadapt 1.0 се први вакви патики од Nike коишто ќе бидат достапни во продажба за секој заинтересиран да ги купи, односно по некое време. За разлика од минатогодишните кои беа дизјанирани да изгледаат исто како тие од филмот, овие се направени со постандарден дизајн.
Сепак, овие патики не се само интересни и не се претставени за да покажат дека нешто што е замислено пред повеќе од 20 години како научна фантастика, денес може да биде реалност.
Патиките треба да го олеснат процесот на врзување кој не ретко знае да претставува проблем, посебно кај професионалните атлетичари. Луѓето често не успеваат да го погодат точниот степен на стегнатост на патиките, а не ретко е проблем и одврзувањето на врвките што може да доведе и до сопнување.
Системот на Hyperadapt е развиван подолго време и е вграден во долниот дел од патиката. По нејзиното облекување, односно ставање на стапалото, сензор го детектира истото и ја затегнува патиката.
Од страна се достапни две копчиња преку кои може да се прилагодува нивото на затегнатост, а од Nike најавуваат дека целта им е во иднина ова да се прави автоматски, односно патиките да оценуваат кога ви е потребно помало или поголемо ниво на затегнатост.
Nike Hyperadapt 1.0 ќе бидат достапни на почеток само за корисниците на Nike+, апликација за професионални атлетичари.