На својата CES 2014 презентација, Nvidia го најави својот нов SoC (system on a chip) процесор за мобилни уреди – Tegra K1. Според Nvidia, промената во номенклатурата се должи на фактот што не се работи само за линеарно зголемување на перформансите во однос на Tegra 4, туку за огромен скок напред. Tegra K1 ќе вклучува комплетно нов графички процесор, а воедно ќе биде и првиот 64-битен мобилен процесор на компанијата.
Графичкиот процесор интегриран во Tegra K1 ќе има 192 процесирачки јадра (за разлика од само 72 кај Tegra 4) и ќе биде базиран на Kepler архитектурата која се користи во десктоп понудата на графички карти од Nvidia. Ова значи дека Tegra K1 ќе биде првиот мобилен SoC процесор кој ќе доаѓа со поддршка за CUDA и DirectX 11.
Од Nvidia тврдат дека новиот графички процесор во Tegra K1 ќе биде помоќен од графичките карти кои се користат во Playstation 3 и Xbox 360, односно ќе има 25-30% од графичките перформанси на новите конзоли – PlayStation 4 и Xbox One.
Tegra K1 ќе биде достапен во две варијанти. Првата, 32-битна верзија ќе вклучува четири Cortex A15 јадра кои ќе работат на фреквенција до 2.3 GHz, додека втората верзија ќе вклучува две Denver јадра базирани на 64-битната ARMv8 архитектура со фреквенција до 2.5 GHz.
32-битната верзија на Tegra K1 ќе биде достапна некаде во првата половина од годинава, меѓутоа за 64-битната верзија ќе треба да почекаме до втората половина од годината. Двете верзии ќе го користат истиот Kepler графички процесор, иако се очекува тој во 64-битната Tegra K1 да има нешто подобри спецификации.